Претседателката Гордана Силјановска-Давкова која престојува во официјална посета на Република Словенија, денеска во Љубљана ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.
Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.
-Каде и да сме по светот имаме еден заеднички дом, заедничко црковно катче каде може да се собереме – рече претседателката, пренесе МИА.
Црквата и религијата, додаде таа, се многу важни за македонскиот народ и за опстојувањето на неговиот долг пат.
Силјановска-Давкова, пак, по средбата со претставниците на културните друштва о црковните одбори вели дека со верниците во пријателска атмосфера, разговарала за нивниот живот далку од дома, за поврзаноста со татковината и за улогата на македонската традиција, јазик и култура во зачувувањето на македонскиот дух.
-Членовите на Сојузот на македонските културни друштва и претставниците на црковните одбори ме запознаа со нивната работа и со напорите што ги вложуваат во негувањето и зачувувањето на македонскиот идентитет. Преку фестивали, литературни и ликовни настани, фолклорни ансамбли и бројни културни проекти, тие им ја пренесуваат македонштината на младите генерации- вели македонската претседателка.

































