Меѓународниот кривичен суд го демантираше пишувањето на израелскиот весник „Хаарец“ дека се издадени нови тајни налози за апсење на уште петмина израелски функционери.
„Хаарец“ претходно објави дека МКС издал тајни налози против тројца политичари и две воени лица од Израел, но дека не е познато кога точно биле издадени. Судот со седиште во Хаг го оцени извештајот како „неточен“.
Веста предизвика внимание бидејќи МКС во ноември 2024 година веќе издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, поради сомнежи за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Професорот по меѓународно право Елијав Либлих за „Хаарец“ изјави дека во практиката МКС не е должен да ги информира осомничените за постоење на налог.
– Причините за објавување налози, како што беше направено во случаите со рускиот претседател Владимир Путин, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант, се одвраќање. Од друга страна, тајноста ги зголемува шансите лицето да се појави на место каде што може да биде уапсено – изјави Либлих.
Во меѓувреме, војната во Појасот Газа, која почна во октомври 2023 година, продолжува да остава тешки последици. Според податоците на Министерството за здравство во Газа, во израелските напади досега загинале повеќе од 72.000 луѓе, претежно жени и деца, а повеќе од 172.000 се ранети.
Истите извори наведуваат дека нападите продолжиле и по стапувањето во сила на прекинот на огнот на 10 октомври 2025 година, при што оттогаш загинале над 870 лица, а повеќе од 2.540 биле ранети.
































