Се уште траат консултациите за ребалансот на Буџетот за 2026 година, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој беше на пуштање во употреба на пазар во Виница.
– Го работиме. Се уште траат консултациите помеѓу Министерството за финансии и ресорите. Тешки се времињата. Гледате што се случува во светот. Имајќи предвид каква е состојбата во другите држави кај нас ударот не е толку голем и врз самиот Буџет, но генерално ќе гледаме да направиме едно оптимално решение со коешто ќе имаме доволно и за капитални инвестиции – рече премиерот Мицкоски.
Потсети дека досега има околу 230 милиони евра капитални инвестиции.
– Околу 14 милијарди денари се веќе инвестирани како капитални инвестиции од централниот Буџет така што очекувам капиталните инвестиции до крајот на годината да продолжат се реализираат бидејќи ја знам каква е динамиката, а од друга страна да има доволно за плати, за пензии, за социјални трансфери. Обврските кои што ги имаме оваа година со камати треба да ги вратиме, околу три милијарди евра, некои стари задолжувања. Генерално, состојбата се разбира дека е тешка, но сега ние нема да очајуваме, нема да се жалиме. Тоа е што е. Ние сме Влада и мораме да ја водиме државата онака како што граѓаните очекуваат од нас – рече Мицкоски.
Премиерот негираше дека ликвидноста на државата е доведена во прашања посочувајќи дека треба да се остават настрана коментарите на опозицијата, пренесе МИА.
































