Како Шпанија надмина внатрешен политички судир за да го прими бродот со случаи на хантавирус
- Повеќето патници излегоа од „Хондиус“ во неделата, а уште неколкумина требаше да го сторат тоа наредниот ден. Министерката за здравство на Шпанија го истакна „денот на национална гордост“ и покрај тоа што мораше да го надмине одбивањето на локалните власти на Канарските Острови да му дозволат на бродот да влезе во тамошното пристаниште
По 40-дневно патување проследено со големо меѓународно внимание, бродот „Хондиус“ влезе во пристаништето Гранадилја де Абона на шпанскиот остров Тенерифе, во 6 часот наутро во неделата. На крузерот беа 152 лица што го преживеаја избивањето на андската варијанта на хантавирусот, единствениот познат сој што може да се пренесува од човек на човек.
На копно чекаа политичките власти и повеќе од 300 акредитирани новинари од 60 медиуми за да известуваат за операцијата за евакуација во која учествуваа 23 земји. Тоа се случи и по неколкудневните внатрешни политички тензии меѓу централната влада на Шпанија и регионалните власти на Канарските Острови, кои одбија да го пуштат бродот да се закотви во Тенерифе, наведувајќи загриженост за јавното здравје, но нивното вето беше поништено со вонредна мерка со која се активираше Законот за пристаништа.
– Денес е ден кога се зборува за национална гордост. Ова е исто така извор на гордост за луѓето од Канарските Острови. Ние не само што сме подготвени туку Светската здравствена организација нè зема како пример – изјави министерката за здравство Моника Гарсија.
До неделата попладне, сите патници беа оквалификувани како асимптоматски по прегледите. Но, по слегувањето од бродот, францускиот премиер Себастијан Лекорну објави дека еден од петте репатрирани француски државјани развил симптоми за време на летот назад кон Париз. Во порака на својот профил на Икс, Лекорну изјави дека сите петмина француски патници се сместени во изолација до понатамошно известување. Во Шпанија, жена што развила симптоми откако била на ист лет до Јоханесбург со едно од лицата што починале од хантавирус, останува во изолација во болница во Аликанте. Нејзиниот прв ПЦР-тест бил негативен. Друга жена без симптоми што била на истиот лет е во изолација во Болничката клиника во Барселона.
Повеќе од 90 лица се истовариле од бродот во неделата. Операцијата требаше да заврши во понеделникот со заминување и репатријација на преостанатите патници, кои се упатуваат кон Австралија и Холандија. Неколку члена на екипажот, исто така, останаа на бродот за да го вратат назад во Холандија.
Сè уште беше темно кога „Хондиус“ се закотви. Кога небото почна да станува розово, беспилотни летала, патролни чамци на Цивилната гарда и хеликоптер почнаа да кружат околу бродот. Во 9.40 часот по локално време, започна евакуацијата. Постапката се одвиваше по утврден редослед: евакуираните се качуваа на друг брод, имаше петминутен премин до пристаништето, кратка тријажа под бели шатори на пристаништето и најпосле краток превоз од нешто повеќе од 10 минути до аеродромот „Тенерифе Југ“ со два автобуса обезбедени од Воената единица за итни случаи (УМЕ).
Први што го напуштија бродот беа 14-те Шпанци, кои сега се во карантин во воената болница „Гомез Ула“ во Мадрид, каде што ќе ги чекаат резултатите од тестовите.
– Ги пречекав во Шпанија. Жената што дејствуваше како нивен портпарол ни рече дека тие со големо нетрпение очекуваат да пристигнат и дека се многу благодарни – објасни министерката Гарсија на една од дневните прес-конференции.
Болницата „Гомез Ула“ ги активираше своите протоколи за лекување пациенти со заразни болести, според Хозе Гарсија, претставник на синдикатот во болницата. Зборувајќи пред медицинскиот центар, тој објасни дека е имплементиран „мошне отворен протокол“ за да се одговори на секоја потреба што може да се појави. Доколку патниците се асимптоматски, тие ќе останат во карантин во одредено одделение наменето исклучиво за нив. Доколку некој од нив развие симптоми, ќе биде префрлен во одделението што беше користено за карантин на 21 Шпанец репатриран од Вухан во 2020 година на почетокот на пандемијата на ковид-19.
Политички судир
Централните власти во Шпанија се обидоа да го заобиколат политичкиот судир со регионалната влада на Канарските Острови, која на почетокот одби да му дозволи на бродот да се закотви. Бродот првично побарал дозвола за закотвување на Зелено’ртските Острови, што било одбиено.
Кратко по полноќ во саботата, само неколку часа пред закажаното пристигнување на бродот, премиерот на Канарските Острови, шпанскиот политичар Фернандо Клавихо, ѝ испратил на министерката за здравство снимка од брзо пребарување со вештачка интелигенција. На снимката беше подвлечена фразата: „Стаорците се одлични пливачи“. Клавихо тврдеше дека не може да го овласти „Хондиус“ да се закотви бидејќи постои ризик глодачите носители на хантавирус да скокнат од бродот, да отпливаат до брегот и да ги заразат жителите на Канарските Острови. Од министерството одговорија со извештај во кој се наведува дека природен носител на сојот на хантавирус присутен на „Хондиус“ не се стаорци, туку патагонскиот долгоопашест глушец, кој не плива.
Сепак, Клавихо објави дека нема да му дозволи на бродот да се закотви. Во 1.12 часот наутро, генералниот директор на Трговската морнарица потпиша административна резолуција со која се повикува на членот 299 од Законот за пристаништа, со што беше поништено ветото на Клавихо и беше наложен влез на бродот. „Хондиус“ влезе во Гранадилја шест часа подоцна, по што продолжи акцијата за евакуација.
Меѓународно признаена акција
По шпанските патници, од бродот се истоварија и француски, канадски, холандски, британски, ирски и турски патници. Последни што излегоа од бродот во неделата беа 18 американски државјани, кои се упатуваат кон САД, објави „Си-ен-ен“. Летот за австралиските државјани е закажан за понеделник откако нивниот авион не пристигна на аеродромот „Тенерифе Југ“ навреме во неделата, како и втор лет до Холандија со патници од различни националности. Холандија е делумно одговорна за овие патници бидејќи крузерот е во холандска сопственост.
В понеделник наутро, бродот ќе биде дополнет со гориво на истото пристаниште. Компанијата „Оушнвајд“ што управува со крузерот во неделата објави дека по завршувањето на евакуацијата на патниците, бродот ќе наполни гориво во Санта Круз де Тенерифе, тврдење што категорично беше демантирано од страна на Управата за пристанишна здравствена заштита. Откако ќе заврши операцијата, бродот „ќе отплови до холандското пристаниште во Ротердам со преостанатите членови на екипажот“, објави компанијата. Проценетото време на пловење до следното пристаниште е приближно пет дена.
Операцијата доби меѓународно признание. Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, од самото пристаниште го истакна лидерството на Шпанија во справувањето со кризата. Зборувајќи од Ватикан, папата Лав Четиринаесетти го спомена „Хондиус“ во својата неделна молитва за да изрази благодарност за гостопримството на Канарските Острови.
































