Зошто храната повторно поскапува во целиот свет (2)
Земјоделството на удар на променливото време
- И покрај големите временски, односно температурни осцилации, агрометеоролозите смируваат, велејќи дека не се очекуваат големи штети врз земјоделските култури, што навистина радува. Стручњаците, сепак, апелираат дека земјоделците „мора да останат будни“ и внимателно да ја следат состојбата заради заштита на културите
- Советничката за агрометеорологија при Секторот за метеорологија на Управата за хидрометеоролошки работи, Весна Маркоска, потенцира дека треба и да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, а во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува под отворен простор
Променливото време пролетва сѐ уште може да зададе сериозен удар и за земјоделските култури. Уште на почетокот на месецов температурите паднаа значително под просекот, а вегетацијата веќе беше започната за поголем дел од земјоделските култури. Сепак, агрометеоролозите смируваат, велејќи дека не се очекуваат големи штети врз земјоделските култури и покрај големите временски, односно температурни осцилации. Стручњаците во секој случај превентивно апелираат дека земјоделците мора да останат „будни“ и внимателно да ја следат состојбата заради заштита на културите.
– Во изминатите денови имаше периоди на променливо облачно со сончеви периоди и топло време, со повремени локални врнежи од дожд на некои места. Ова е период на интензивно расадување на тутунот и на градинарски култури на отворено. Во наши услови, најдобри резултати во Прилепскиот Регион се постигнати кога тутунот се расадува во првата половина на мај. Тутунот е топлољубиво растение и во сите фази од својата вегетација бара релативно високи температури. Минималната температура за развиток е од осум до 10 Целзиусови степени, оптимална од 20 до 30 Целзиусови степени, а максималната меѓу 40 и 50 Целзиусови степени.
На температура околу нулата доаѓа до загинување на растението, а особено се тешки последиците од превисоки температури. Обезбеденоста на вода при садење на тутунот има важна улога заради подобро вкоренување – објаснува Весна Маркоска, советничка за агрометеорологија при Секторот за метеорологија на Управата за хидрометеоролошки работи.
Во својата анализа, Маркоска укажува дека и кај виновата лоза во некои региони, веќе е во тек фазата на потерување на пупките и пораст на ластарите. Посочува дека најважен надворешен фактор за почеток на потерување на пупките се температурата и влажноста на воздухот.
– Температура од 10 Целзиусови степени се смета за биолошка нула, поради тоа што на пониска температура не започнува оваа фенофаза. Во оваа фенофаза доаѓа до пораст на ластарите и развој на органите што се наоѓаат на нив: лисја, цветови и друго. За време на траењетo на оваа фенофаза треба да се извршуваат повеќе агротехнички мерки како што се плевење (лачење), врзување и поткршување на ластарите, заштита против болести и штетници, уништување на плевелите и друго. Оваа фенофаза се испреплетува, односно продолжува и во следните фенофази. Додека во некои региони виновата лоза се наоѓа во фаза на цветање и оплодување. Во услови кај нас, оваа фенофаза започнува во средината на мај сѐ до првата половина на јуни. Таа просечно трае 20 дена – објаснува Маркоска.
Поради ова, таа нагласува дека за овошките, кои исто така во овој период се во интензивен раст, е препорачливо да се продолжи со нивна прихрана и третирање против болести и штетници.
– Во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови наместа ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. В сабота ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 литри на метар квадратен), грмежи, засилен до силен ветер и до над 70 километри на час и услови за појава на град. Доколку почвените услови тоа го дозволуваат, земјоделците може да продолжат со изведување работи во поле, прихрана, садење одредени топлољубиви култури, заштита на растенијата од појава и развој на болестите и штетници, уништување на плевели, внесување на ѓубрива, како и други земјоделски активности – укажуваа Маркоска.
Наедно таа потенцира дека треба да се преземат превентивни мерки за зацврстување на пластениците и другите конструкции, а во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува под отворен простор.
Променливото време сѐ почесто се поврзува со климатските промени за кои исто така се зборува подолг период. Недостигот од снег, честите промени на времето, големите разлики во температурите, но и поројните дождови се поврзуваат со нив.
Обединетите нации преземаат глобалните напори во борбата против климатските промени, со цел да се ограничи зголемувањето на температурата на 1,5 Целзиусов степен, како што е утврдено со Парискиот договор од 2015 година. Според претставници на ОН, со оглед на тоа што емисиите на стакленички гасови достигнаа рекордни максимуми во 2023 година, потребна е итна акција за намалување на емисиите за речиси половина до 2030 година, за да се избегнат катастрофални влијанија. Примарната цел на ОН е да се стабилизираат концентрациите на стакленички гасови за да се спречи опасното човечко мешање во климатскиот систем. Е.Р.
Развиено земјоделство значи сигурна иднина за државата
Развиено земјоделство значи сигурна иднина за државата, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, при посетата на Јосифово и Балинци во општината Валандово. Теми на разговор при посетата на министерот во рамките на кампањата „Гласот што го слушаме – македонско најдобро“ биле актуелните состојби во земјоделството, откупот, наводнувањето и мерките што ги презема државата за поддршка на домашното производство. Министерот Трипуновски притоа порачал и дека надлежните продолжуваат реално, видливо и ефективно да работат во интерес на земјоделците. Е.Р.
































