Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, стравува од нов економски удар предизвикан од противречните изјави на претседателот на САД
- Јунската одлука на Европската централна банка може да ја одреди иднината на милиони граѓани во еврозоната
Европа повторно стои на раб на голема економска неизвесност. Додека кризата на Блискиот Исток се заканува да предизвика нов енергетски шок, финансиските пазари нервозно чекаат што ќе направи Европска централна банка (ЕЦБ). Во центарот на вниманието е претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, која само за неколку дена драматично го смени тонот околу можноста за ново зголемување на каматните стапки.
Од сигнали дека ЕЦБ е подготвена повторно да ги затегне условите за кредитирање, Лагард сега испраќа многу повнимателни пораки. Причината, според неа, е „огромната неизвесност“ што ја создаваат воените конфликти, нестабилните пазари и политичките тензии што секојдневно го потресуваат светот, но најмногу од контрадикторниот и непредвидлив американски претседател.
Во неодамнешно интервју за шпанската државна телевизија РТВЕ, Лагард призна дека „Европската централна банка во овој момент се движи по исклучително тенка линија, меѓу опасноста од пребрза реакција и ризикот да се задоцни со мерките против инфлацијата“!
Европа стравува од нов бран поскапувања
Во последните месеци, европските економии покажаа знаци на забавување, но инфлацијата и натаму останува тврдокорен проблем. Особено загрижува можноста новата геополитичка криза повторно да ги покачи цените на енергентите, што директно би ги погодило граѓаните и компаниите.
Лагард предупреди дека цената на нафтата веќе е повисока од проекциите на ЕЦБ, додека пазарот на гас засега останува помирен. Но токму ваквата непредвидливост ја прави ситуацијата опасна.
– Мораме постојано да ги ажурираме сценаријата и да се приспособуваме на новите околности – изјави таа, признавајќи дека никој во моментов не може со сигурност да предвиди како ќе се развива кризата.
Европската централна банка (ЕЦБ) стравува дека „секое ново разгорување на конфликтите би можело повторно да ја поттикне инфлацијата, токму во момент кога европските граѓани почнаа да чувствуваат мало олеснување по долгата криза со цените“.
Трамп со еден твит ја подобрува ситуацијата, со друг ја урива?!
Најголемо внимание предизвика делот од интервјуто во кој Лагард индиректно го посочи американскиот претседател Доналд Трамп како фактор што дополнително ја зголемува глобалната нестабилност.
Без директно да го именува, таа порача дека „денес и една негова објава на социјалните мрежи може драматично да ги помести финансиските пазари“.
– Еден твит и ситуацијата се подобрува, друг твит и ситуацијата се влошува – рече Лагард.
Таа нагласи дека таквите пораки не можат директно да ја диктираат монетарната политика на ЕЦБ, но можат сериозно да влијаат врз перцепцијата на инвеститорите, цените на берзите и глобалната политичка атмосфера.
Во финансиските кругови веќе расте стравувањето дека нестабилните политички сигнали од Вашингтон, комбинирани со воените тензии на Блискиот Исток, би можеле да создадат нов глобален економски шок.
Клучниот состанок на ЕЦБ во јуни и одлуката што ја чека цела Европа
Јунскиот состанок на ЕЦБ се смета за еден од двата најважни состанока во годината, бидејќи тогаш централната банка располага со најобемни економски анализи и прогнози. Токму затоа финансиските пазари со недели шпекулираат дали ЕЦБ ќе се реши на ново зголемување на каматните стапки. Лагард не сакаше да даде конкретен одговор, но јасно стави до знаење дека конечната одлука ќе зависи од податоците што ќе пристигнат во наредните недели.
– Потребни ни се повеќе информации за подобро да разбереме каде се движат цените – изјави таа.
Во моментов, најголемиот страв на европските власти е сценарио во кое инфлацијата повторно би се забрзала, додека економскиот раст истовремено би ослабнал. Таквата комбинација би можела да ја доведе еврозоната во сериозна економска стагнација.
Можни се уште неколку удари врз кредитите
Според најнеповолното сценарио на ЕЦБ, инфлацијата оваа година би можела да достигне три проценти, а економскиот раст да падне под еден процент. Доколку се случи тоа, Европската централна банка би можела да биде принудена уште неколкупати да ги зголеми каматните стапки во текот на 2026 година.
На финансиските пазари веќе се споменуваат дури и три можни зголемувања.
Тоа би значело нов притисок врз кредитите, хипотеките и задолжувањето на компаниите, што директно би се одразило и врз секојдневниот живот на милиони луѓе низ Европа. Лагард призна дека ЕЦБ во моментов се наоѓа во многу чувствителна позиција.
– Постојано сме растргнати меѓу ризикот да реагираме пребрзо и ризикот да реагираме предоцна – нагласи таа.
Европа влегува во нова фаза на неизвесност
Пораките на Лагард јасно покажуваат дека Европа повторно влегува во период во кој политиката, војната и економијата стануваат опасно поврзани.
Додека инвеститорите, банките и владите нервозно ги следат настаните на Блискиот Исток и реакциите од Вашингтон, Европската централна банка се обидува да најде баланс меѓу борбата против инфлацијата и заштитата на економскиот раст. Следните месеци би можеле да бидат пресудни за економската иднина на Европа.
А во време кога, како што призна и самата Лагард, „еден твит може да ја смени ситуацијата“, неизвесноста станува најголемиот непријател на европската економија. Е.Р.
Предвремено заминување на Лагард?
Покрај економските прашања, вниманието го привлече и прашањето за иднината на самата Лагард. Нејзиниот мандат на чело на ЕЦБ формално трае до октомври 2027 година, но, според пишувањата на „Фајненшл тајмс“, таа наводно размислува да се повлече порано.
Според тие информации, Лагард сака Франција и Германија навреме да договорат наследник, пред евентуални политички поместувања кон поекстремни политички сили во двете држави. Сепак, таа избегна директен одговор на тие шпекулации.
– Во овој момент ја работам мојата работа и ја спроведувам мисијата за стабилизирање на инфлацијата во еврозоната – порача претседателката на ЕЦБ. Е.Р.
































