Ретроспективна изложба по повод 40 години творештво на Благоја Маневски

Во Музејот на современата уметност – Скопје се одбележува Ретроспективната изложба по повод четири декади творечки опус на еден од најистакнатите индивидуалисти на македонската ликовна сцена – Благоја Маневски. Водено ретроспективното претставување е потврда за интензитетот, енергијата и авторскиот печат на Маневски втиснати во живата меморија на македонската уметност. Богатиот и разновиден творечки опус (1985–2025) говори за ненадминлив ракопис што и по четири декади релевантно ѝ се обраќа на ликовната публика, за авторот како проникнувач во ликовната проблематика и впишувач на сопствениот белег во нишката на своето време. Историографски, Маневски е забележан како еден од оние автори што веќе го имаа „дефинирано своето место во историјата на современата македонска уметност“.
Појавувајќи се на ликовната сцена во средината на 1980-тите, како припадник на тогашната генерација „млади автори“ на македонскиот, но и на поширокиот југословенски уметнички хоризонт, тој се формира и се гради низ дијалог со постмодерната и магнетизмот на еклектиката, исчекорувајќи од високите тонови на доцниот модернизам. По студиите на Факултетот за ликовни уметности и поуките што ги апсорбирал од академската средина, се раѓа раната фигуративна неоекспресионистичка фаза во духот на „новата слика“, а потоа следува определба во поширокото поле на апстркацијата. Уште во неговите рани студентски творби со смели промислувања околу естетските барања во ликовниот живот на ова поднебје се чувствува непокорливата потреба да се отиде подалеку во неистражените области на творечките сознанија. Имајќи ја пред себе генерацијата на автори што ги автентизирале главните курсеви на апстракцијата (геометриска, асоцијативна, лирска, енформелистичка, чиста…), Маневски го вдишува „своето време“ навлегувајќи во нови ликовни траектории и неистражени контексти за македонската ликовна уметност. Коинцидирајќи со ликовните вредности утврдени од општата светска историографија на уметноста, а во конкретниот амбиент на македонската уметност тој пристапува кон соединување на „традицијата“ и „духот на просторот“ [ortgeist] со личните визуелни настојувања. Работејќи низ ликовни постапки што ги доведува до самосвојственост, неговата уметност артикулира изведба на широкиот гест и протегање на (по)големи површини и хронографски читања од оние на местото и времето на дејствување. Трагајќи по сопствени естетски кодови, тој ги истражува односите на надворешниот, но и во внатрешниот свет на делото, преку експериментирање, преобразување, доближување, но во иста мера и одвојување, оддалечување од веќе исцртаните контури на постмодернистичкот предзнак.

Уметноста на Благоја Маневски ги поставува суштинските прашања околу проширувањето на ликовните дисциплини и медиумската карактеристика, доведувајќи го инхерентниот пуризам во гранична состојба, експериментирајќи во преодниот степен на исчекорувањето од слика до објект, не напуштајќи го во целост, и задржувајќи се на иманентните карактеристики на сликарството. Пристапувајќи кон широк распон на пластички решенија, неговиот ликовен гест се карактеризира со истражувачка конзистентност и постојаност во преиспитување на границите на ликовното дело. Определбата за различни ликовни дисциплини и визуелни медиуми кај Маневски е синтетизирана преку работата во доменот на сликарството, слики-објекти, амбиенти и акумулации, просторни инсталации, големоформатен цртеж, фотографија, хепенинг.
Големите циклуси дела „Ѕвезди и рабови“ и „Симултана многузвучност“ (хронолошки) се преклопуваат, проблемски транспонираат, естетички се разликуваат. Циклусот „Балканско јадро“ е еден од најзначајните пунктуми во регистрирањето на историската и општествената состојба во македонската уметност од средината на 1980-тите. Низ етнолошки и антрополошки евокации, „Балканско јадро“ се поврзува со македонската традиција и идентитет, на моменти и во ликовни секвенци, раскинат, преклопен, зашиен, во динамична, но стабилна хетерогеност, зачувувајќи го единството во јасна и чиста визуелна порака. Според Бојан Иванов, „делото на Благоја Маневски го бележи дамарот на историското време“.
Сликарското ткаење започнато со „Балканско јадро“ добива свој контрапункт во понатамошните варијации на инсталацијата „Логични слики“, кои ги поставува во различни семантички конфигурации – на ретроспективната изложба реконтекстуализирани по четврти пат. Лилјана Неделковска забележува дека „Маневски ја поставува уметноста во зона на амбигвитет, каде што визуелното и концептуалното поле се отвораат за контингентни интерпретации. […] Сликарските инсталации на Маневски се издвојуваат како тивок, но моќен чин на отпор.“
Пластичката вредност добива полн интензитет со „Црните слики“, слики-објекти во кои Маневски воведува несликарски материјали (бакарни елементи), давајќи ѝ поголема интонација на монохроматската чистина, на нејзината автономна ликовност, на тактилноста, на плетивото и слоевитоста на сликарската материја.
На почетокот на 1990-тите создава серија објекти со заедничко својство на нереференцијалноста – структури-асамблажи за кои авторот употребува разнородни материјали. По декадата на „уводот во инсталацијата“, Маневски пристапува кон нова синтеза меѓу сликарството и просторните конфигурации како дијалошка компонента, проширувајќи ја дефиницијата за сликарскиот медиум кон нови естетички градации. Од средината па до крајот на 1990-тите навлегува во доменот на просторните концепти, создавајќи инсталации, амбиенти и акумулации („Пантеон“, „Територија“) во согласност со технификацијата и новата медиумска ера, на оваа изложба претставени преку документаристика – како сведоштво за нивната недопрена артефактуалност.
Во доменот на контекстуално-специфичните проекти се реализирани хепенинзи и настани преку кои авторот ја артикулира партиципациската и ангажирана форма во неговото творештво. Едно од најспецифичните својства во неговата уметност, според Валентино Димитровски, „е константата на двојно или повеќеслојно кодирање во разнородните јазични обрасци, кое се постигнува со едно софистицирано длабинско контрапунктирање и иронизирање со значенските и изразните елементи во делата“.
Со големоформатните линеарни цртежи, Маневски развива ликовна дикција со минималистички предзнак, заснован на густината и повторливоста на цртачкиот потег. За цртачкиот опус Маневски ќе изјави: „Фасцинацијата со линијата како основен ликовен елемент е, всушност, состојба на мојот сензибилитет, односно на моите чувства и визии. Со неа ги изразувам најсуштинските содржини, та оттаму, со цртежот ја изразувам мислата, идејата, односно визијата за темата, психолошкиот момент итн.“
Во сиот негов творечки опус, Маневски поаѓа од личниот план, активирајќи го низ „сопствената“ смисла она што значи уметничко создавање, заземајќи го своето место како еден од клучните автори, антиципатори на втемелувачките аксијали на македонскиот современ ликовен дискурс.


Присуството на значајни уметнички манифестации, меѓу кои Југословенската Документа (1987 и 1989), Биеналето на млади југословенски уметници во Риека (1987), Венециското биенале (2007) и други релевантни национални и меѓународни изложби, го поставува неговото творештво во поширокиот контекст на современите уметнички текови. На Факултетот за ликовни уметности академското знаење го формира кај професорите Душан Перчинков, Родољуб Анастасов и Петар Мазев, и на истиот факултет работи од 2002 година, вклучително и како декан во два мандати, а се пензионира во 2024 година како редовен професор. Од 1982 година активно учествува на македонската и меѓународната ликовна сцена. Досега реализирал над дваесет самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјата и во странство. Добитник е на повеќе значајни награди, меѓу кои и Државната награда за животно дело „11 Октомври“. По две години подготовка на ретроспективната изложба во организација на МСУ и Благоја Варошанец, испечатена е монографска публикација дизајнирана од Илијана Петрушевска. Во обемната публикација со хронолошки и тематски кластери на творештвото има текстови и на Бојан Иванов, Валентино Димитровски и кураторката Лилјана Неделковска и визуелен материјал за неговото творештво од студентските денови до денес.

Натали Рајчиновска-Павлеска (кураторка на изложбата и авторка на текст во монографската публикација)