Само едно јавно претпријатие има сметка во Алта банка Битола, на која се наоѓаат околу 100 илјади денари, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска пред собраниската Комисија за финансирање и буџет, пренесе МИА.
Таа посочи дека Министерството ги контактирало акционерските друштва и јавните претпријатија, при што било утврдено дека најголем дел од нив немаат сметки во оваа банка.
-Од сите акционерски друштва и јавни претпријатија што ги исконтактиравме, само едно имаше сметка со многу мал износ, околу 100 илјади денари, ништо повеќе од тоа. Најголем дел од јавните претпријатија и акционерските друштва немаат сметка во Алта банка. Во периодот што следи треба да достават извештај од администраторот, па ќе видиме дали има нешто поразлично од информациите што ги добив – истакна министерката на надзорната расправа.
Одговарајќи на прашањата на пратениците, Димитриеска-Кочоска додаде дека фондовите функционираат преку трезорот.
































