Владата планира да го зголеми домашното производство на електрична енергија во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, преку обезбедување јаглен од Косово, како и со рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, со цел да обезбеди стабилно снабдување во текот на зимата и да спречи значително поскапување на струјата, пренесе МИА.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта е да нема зголемување на цената на електричната енергија, а доколку дојде до поскапување, тоа да биде минимално и помало од пет проценти. Според него, во моментов цените на електричната енергија и гасот во Европа бележат зголемување до трипати.
Мицкоски посочи дека Владата планира со овој пристап да ја помине зимата без посериозни ценовни скокови.
-Ќе се потрудиме да нема воопшто поскапување или да има некоја минимална маргина, која ќе биде помала од пет проценти. Тоа е рамката во која во моментов работи и планира Владата – рече премиерот.
Како прв чекор за зголемување на домашното производство, Мицкоски го посочи почетокот на транспортот на јаглен од Косово кон РЕК „Осломеј“ и РЕК „Битола“. За таа намена се подготвува посебен граничен премин, покрај главниот премин Блаце. Станува збор за премин што претходно го користел КФОР, а кој сега се адаптира во соработка со Армијата и Царинската управа.
Според најавите, преку овој премин треба да се овозможи дневна пропусност од повеќе од 200 камиони, покрај 50 до 60 камиони што би минувале преку Блаце. Целта е дневно да се испорачуваат над 6.000 тони јаглен за потребите на термоелектраните.
Премиерот очекува, со дополнување на испораките од Косово со домашниот ископ и увозот на помали количества јаглен од Грција, да се обезбеди стабилна работа на трите блока во РЕК „Битола“, дополнета со производството од РЕК „Осломеј“.
Тендерот за транспорт и ископ на јаглен во Косово е во тек, а неговото завршување се очекува до крајот на месецов.
Вториот чекор е рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“. Според Мицкоски, производната цена на електричната енергија од оваа централа во моментов е двојно пониска од берзанската цена.
За снабдувањето со гориво се планира транспорт од пристаништето во Солун преку железница, наместо со камиони. Во таа насока, во тек е итна реконструкција на железничката делница што од главната пруга на Коридорот 10 води до ТЕЦ „Неготино“. Дрвените прагови се заменуваат со бетонски, со цел пругата да може да издржи товар поголем од 10.000 тони.
Мицкоски рече дека се обезбедени цистерните вагони и логистиката за транспорт, а целиот процес го организираат државните компании. Целта, како што посочи, е да се избегне транспортот со камиони и да се спречи можноста за шпекулации.
Премиерот оцени дека енергетската криза, која трае од крајот на февруари, станува сè подлабока, особено поради ниските резерви на гас во Европа и ниските водостои на главните реки, што влијае врз производството на хидроенергија. Сепак, нагласи дека приоритет на Владата е да се спречи поскапување на струјата во земјава.
Тој посочи дека цените на енергенсите директно влијаат врз инфлацијата. Според податоците што ги презентираше, просечната инфлација во земјава во октомври изнесувала 3,3 проценти, наспроти четири проценти во Европската Унија. Во третиот квартал, инфлацијата кај нас била 2,5 проценти, додека во ЕУ изнесувала 3,5 проценти.
Мицкоски додаде дека Владата досега успешно ги менаџирала состојбите со нафтата и нафтените деривати. Како пример ја посочи цената на дизелот во земјава, која е под 1,5 евро за литар, додека во соседните држави надминува две евра.
Тој изрази надеж дека ќе завршат проблемите поврзани со Ормускиот Теснец и војната во Украина, што, според него, би овозможило полесно справување со енергетските предизвици.

































