Се отвора нов фронт во образовната криза во светот

Врската меѓу последиците од природните катастрофи, принудното раселување и образованието никогаш не била поизразена. Без глобална мобилизација за да се изнајдат покреативни решенија и да се обезбедат потребните ресурси, образовната криза не само што ќе се влоши туку и ќе лиши десетици милиони деца и нивните држави од иднината што ја заслужуваат

Катастрофалните поплави во Пакистан минатата година нè потсетија на опасностите од нарушената клима. Тие го разоткрија и фактот дека десетици милиони деца се систематски изневерени. Поројните монсунски дождови уништија дури 27.000 училишта што го попречи образовниот процес на учениците. Уште полошо, и покрај напорите на агенциите на Обединетите Нации и невладините организации, милиони деца се останати надвор од училиштата и до ден-денес. И со тоа што милиони млади Пакистанци веќе се исклучени од пристап до образование пред минатогодишната природна катастрофа, индискиот потконтинент сега има најголема популација што не е вклучена во образовниот процес во училиштата во светот.
Врската помеѓу последиците од природните катастрофи, принудното раселување и образованието никогаш не била поизразена. Климатските промени сè повеќе го принудуваат населението на преселби во масовен обем, со катастрофални последици во форма на затворање училишта и други прекини на образованието.
Иако земјите во развој придонесоа многу малку за состојбата со климатските промени, нивните деца се тие што најмногу ќе страдаат од тоа. Речиси половина од децата во светот што живеат во 33 земји класифицирани како „исклучително со висок ризик“ можат да бидат сериозно погодени од климатските промени. Цели генерации се соочуваат со закана да мора да ги напуштат своите живеалишта како резултат на поплави, суши или шумски пожари, а сето тоа ќе резултира со губење на учењето и потенцијално губење на нивните шанси за подобар живот во иднина.
Во 2021 година, 95 отсто од целокупното внатрешно раселување се случило во земјите на првата линија на удар на климатските промени. Во Сомалија, на пример, сушата и условите слични на глад принудија околу 2,9 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, предизвикувајќи конфликти околу пристапот до храна, вода и средства за живот и дополнително ја зголемуваат критичната потреба за психосоцијална и ментално-здравствена поддршка. Ниту пак, Сомалија е единствениот пример. Милиони други се погодени на слични начини на други места.

Официјалните бројки покажуваат дека пред поплавите во Пакистан, настаните поврзани со временските услови веќе погодуваа десет милиони деца низ светот секоја година. Но некои процени дадоа уште помрачна слика, со тоа што бројката достигна речиси 40 милиони годишно.
Така, децата што се раселени поради последиците од климатските промени претставуваат сè поголем дел од 222 милиони момчиња и девојчиња погодени од кризата на кои им е потребна образовна поддршка. Овие деца сè повеќе пропуштаат квалитетно образование, а со тоа остануваат без основните вештини за писменост или математика, а камоли дополнителни квалификации што ќе им бидат потребни за да влезат во работната сила.

Образовната криза, која брзо се влошува, нè предизвикува да развиеме поиновативни стратегии за да се погрижиме дека сите деца се на училиште и учат. Ќе треба да се работи на подобри, покреативни начини да им се обезбеди образование на луѓето што се принудно раселени. На пример, наставните програми и другите материјали треба да се приспособуваат повеќе за комбинација од хибриден начин на учење на далечина преку дигитални платформи, но и со вклучено физичко присуство, а училишните згради треба да се користат поефикасно со воведување двојни смени. Ние, исто така, треба да поттикнеме повеќе иницијативи за безбедно училиште, како оние што беа пионерски во Нигерија по киднапирањето стотици ученички.
Откако ќе се докажат како ефективни, овие креативни решенија потоа ќе треба да се применат пошироко и да се зголемат за да се поддржат бегалците и раселените деца насекаде. За таа цел, потребно е да се мобилизираат доволно финансии за инструменти како глобалниот фонд на ООН „Образованието не може да чека“ наменет специјално да се справи со поврзаноста меѓу последиците од климатските промени, принудното раселување и образованието. Глобалниот фонд успешно воведе образовни програми во десетици земји погодени од кризи во последниве години и останува целосно посветен на справување со „пречките што ги спречија хуманитарните и развојните актери да обезбедат квалитетно образование во хуманитарни кризи“.
Самитот за јакнење на „Образованието не може да чека“, кој се одржа во средината на февруари, даде навремена можност не само да им се помогне на децата раселени поради последиците од климатските промени и конфликти, туку и да се нагласи дека напредокот на глобалната образовна агенда зазема централно место во постигнување на целите за одржлив развој. Четвртата цел за одржлив развој ја повикува меѓународната заедница да обезбеди до 2030 година „сите девојчиња и момчиња да завршат бесплатно, правично и квалитетно основно и средно образование“. За да им се помогне на 222 милиони млади луѓе чие учење е погодено од конфликти и катастрофи, глобалниот фонд има цел да собере 1,5 милијарда долари за периодот 2023-2026 година, што е мала сума во споредба со она што владите го трошат за субвенции за оружје и фосилни горива.

За да се има каква било надеж за постигнување на четвртата цел за одржлив развој, од суштинско значење е да се оствари напредок кон враќање на внатрешно раселените и децата бегалци на училиште. Бидејќи иднината на милиони деца виси на конец, ние мора да обезбедиме пристап до образование во кризни состојби и да поддржиме глобален фонд што функционира.

Автор: Гордон Браун е поранешен премиер и министер за финансии на Велика Британија