Книга со рецепти за во вселената

Имаме ние што да испратиме во вселената, да нѐ види целата галаксија во вистинско светло, да не мислат таму тие малите зелени дека ние сме неспособни. Имаме ние рецепти да им го разубавиме и нивниот живот таму, само нешто се мислам да не ја згрешиме ептен работава

Една несекојдневна вест деновиве ме привлече и ме поттикна на размислување. Имено, босанскиот „Аваз.ба“ прв објави дека пет земји од поранешна Југославија, а меѓу нив, замислете, и Македонија, до средината на летото заеднички ќе лансираат сателит во вселената, со помош на Индиската вселенска агенција. Но радоста кратко траеше, ние сепак нема да лансираме сателит, туку учествуваме во заеднички проект, во кој партиципираме со креирање содржина што ќе биде поставена во сателитот. Сепак, и тоа е нешто. Барем нешто ќе испратиме во вселената.
Значи, Индиската вселенска организација во средината на годината ќе лансира 75 сателити во вселената како дел од прославата на 75 години од независноста на Индија. Во тие рамки, пет невладини организации што се занимаваат со роботика, технологии, истражување на вселената и иновации од Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска, Црна Гора и Македонија во јуни минатата година ѝ се приклучиле на Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа. Во заедничката сателитска мисија всушност ќе учествуваат деца од целиот регион, чии училишта биле дел од кампањата поведена кон крајот на ноември минатата година. Од децата било побарано да изработат труд на тема простор и да го испратат до надлежната организација членка на Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа.
Тие цртежи ќе бидат сместени во сателитот што се вика СЕСА, што е кратенка на англиски за Вселенска асоцијација на Југоисточна Европа, и е меѓу вкупно 75 сателити што ќе бидат испратени во вселената во три ракети, од кои секоја ќе носи по 25 сателити. Внатре во сателитот ќе има мал простор од 10 кубни сантиметри каде што ќе може да се складира нешто. Е тука, во тој дел ќе бидат творбите на нашите деца.
Но, за да бидеме оригинални, сѐ си мислам можеби не е лошо во вселената да испратиме некој оригинален македонски рецепт. Еве, на пример, како иновација од Македонија да го пратиме рецептот за чистење на обработливите површини – со палење на стрништата. Секоја година иста приказна – се палат стрништа, страдаат луѓе, се прави огромна штета, полицијата опоменува, казнува, но сѐ е попусто. Луѓе гинат секоја година, затоа што како по правило некој заглавува во огнената стихија што самиот ја предизвикал, а нема можност да избега. За материјалната штета да не зборуваме. Еве го најновиот пример од Битола, каде што за два дена битолската полиција поднесе две кривични пријави за предизвикување пожар против лица што се сомничат дека палеле суви гранки и стрништа, а пожарите зафатиле и далноводи за пренос на електрична енергија. Едниот од Кукуречани, на 18 февруари запалил стрниште, при што настанал пожар во нива, кој зафатил и далновод, а вториот од Трново во дворот на својата куќа запалил оган од суви гранки, при што огнот се проширил кон соседниот двор и му ги изгорел дрвјата на соседот, дел од шталата, нивата и далновод за пренос на електрична енергија.

А ако некому му изгледа овој рецепт сиромашен или многу селски, што ние, нели, не сме, еве можеме да пуштиме во вселената и некој ептен модерен и европски рецепт.
Тоа е рецептот за трошење милиони евра за изградба на „Центар за закрепнување од катастрофи и обезбедување континуитет со работата“, познат и како ИКТ-центарот во Прилеп, кој функционира уште од 2020 година, а за кој се утврди дека не се користи како што треба. Изградбата на овој центар, според податоците од 2019 година, требаше да чини околу 11 милиони евра, пари обезбедени од ЕУ, преку програмата ИПА. Неговата намена беше во него да се чуваат податоците на сите државни институции, кои таму би биле заштитени од земјотреси, поплави или други катастрофи што би се случиле по природен пат или би биле предизвикани од човечки фактор, како што е последниот случај со податоците на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Токму случајот со ФЗО фрли ново светло на една скапо платена, а подзаборавена инвестиција, која не ја исполнува својата функција поради нечија негрижа, неспособност игнорантство – што и да е, а што е длабоко вкоренето во нашите „работни навики“.

Имаме ние што да испратиме во вселената, да нѐ види цела галаксија во вистинско светло, да не мислат таму тие малите зелени дека ние сме неспособни. Имаме ние рецепти да им го разубавиме и нивниот живот таму, само нешто се мислам да не ја згрешиме ептен работава. Кај ќе најдат тие таму стрништа по тоа нивните планети, комети и астероиди? Ќе им биде криво на вонземјаните што не ќе можат да го искористат тој класичен „македонски рецепт“. А и ова со трошењето пари за објект што не се ползува од оние што се задолжени за тоа, како од нашиот ФЗО, тешко дека некој ќе го разбере таму горе. Не се тие толку богати како нас да фрлаат пари низ ветер.