Анализите на истражувачите и познавачите на состојбите во самата ЕУ, како и во Западен Балкан, покажуваат дека Унијата по рускиот оружен настап во Украина во прв момент не знаела како да реагира, стравувајќи дека конфликтот би можел да се прелее и врз други европски земји. Во тој момент се интензивира ЕУ-реториката за брз прием на земјите-кандидати, но како што војната продолжи да останува во границите на Украина, официјален Брисел повторно се наврати на стариот инертен однос кон земјите-кандидати, на кои не им нуди повеќе никаква временска рамка за зачленување, како што го направи тоа при големото проширување во 2004 година. Таков објектив за реална предвидливост, да знаат земјите од Западен Балкан што ги очекува, повеќе нема

Анализа на институтот „Нова Европа“ од Полска, со нова прогноза за пристапувањата кон Унијата

По руското воено влегување во Украина, внатрешните односи во Европската Унија и НАТО значително се променија. Тоа резултира и со битни промени во евроинтегративните процеси на земјите што претендираат да станат дел од европското семејство.

Промени на полошо, наместо интегрирање дезинтегративни процеси

Македонија е земја-кандидат што минатото лето одржа меѓувладина конференција со ЕУ, но не почна со отворање на поглавјата бидејќи е условена од Бугарија, која најпрво бара да се внесе бугарското малцинство во македонскиот устав.
Во меѓувреме, нарацијата што се градеше во земјава изминатиот период беше во насока за брзо зачленување на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, некаде до 2030 година. Но овој оптимизам очигледно не го делат луѓето што се подобро запознаени со внатрешните состојби на Унијата, особено не сега во светлината на војната во Украина на која воопшто не ѝ се наѕира крајот.
– ЕУ и натаму ја води истата безвредна „стабилократска“ политика кон регионот, која главно е насочена кон смирување на локалните автократи, вклучувајќи ги Александар Вучиќ и Милорад Додик. Единствена видлива промена е зголемената зачестеност на самитите на ЕУ посветени на Западен Балкан, кои, за жал, не резултираат со какви било опипливи резултати. По избивањето на војната, ЕУ беше под притисок да направи „нешто“, да покаже каква било приврзаност кон регионот, кој има голема безбедносна ранливост и е подложен на негативното влијание на Русија и Србија. Со оглед на фактот што не постои консензус за тоа како да се приспособи политиката на новиот геополитички пејзаж, политичката интеракција со регионот е ограничена на краткотрајно милување на антидемократските актери и повторување на истата мантра „ЕУ пат/перспектива“ – вели Јакуб Биеламович, аналитичар и истражувач што ги покрива земјите од Западен Балкан и Централна Европа за институтот „Нова Европа“, истражувачки центар со седиште во Полска.

ЕУ со празни ветувања и рокови за кои сите знаат дека нема да бидат испочитувани

Според него, вака како што сега се поставени работите, тешко е да се очекува дека која било земја од Западен Балкан би можела да ѝ се придружи на ЕУ во следните 20 години.
– И покрај тоа што сум тврдокорен заговорник на европските интеграции и нивната трансформациска моќ, не очекувам која било земја од Западен Балкан да може да ѝ се придружи на ЕУ во следните две децении, што во политичка смисла е речиси недостижно. Според моето мислење, сè уште постојната рамка на процесот на пристапување во ЕУ е целосно истрошен пред најмалку една деценија. Она што на регионот итно му е потребно, тоа е промена на стратегијата од страна на ЕУ. Бидејќи не постои визија, па дури ниту политичка волја таа да се развие, Брисел продолжува да дава празни ветувања и да поставува рокови за кои сите знаат дека нема да бидат испочитувани. Ако која било од шесте земји ѝ се придружи на ЕУ за седум години, нејзиниот пристапен процес и реформите мораат веднаш да го забрзаат темпото – нагласува Биеламович.
Тој истакнува дека верувал до неодамна дека Македонија и Црна Гора би можеле да го направат тој прв исчекор во пристапувањето во ЕУ, но повеќе не е оптимист за таа работа.
– Според моето мислење, до пред извесно време постоеше надеж за пристапување во Унијата на С. Македонија и Црна Гора. Додека Црна Гора е во многу длабока политичка криза без јасен излез, процесот на интеграција на С. Македонија е заложник на бугарското националистичко барање и нивните бесконечни изборни циклуси без оглед на многуте претходни жртви и компромиси, вклучувајќи ја промената на името на земјата – истакнува Биеламович.

Надворешната политика на ЕУ е заложник на консензусот

Коментирајќи ги неединството во ЕУ по многу прашања и нејзината нефункционалност, имајќи предвид дека секој може да стави вето дури и кога тоа е спротивно на европските интереси, полскиот аналитичар и познавач на состојбите на Балканот смета дека надворешната политика на Унијата е заложник на консензусот.
– Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се целосно во право кога бараат ова правило за едногласност да се укине или барем да се ограничи. Но во скора иднина не очекувам дека сите 27 земји од ЕУ ќе можат да се согласат за тоа.
Помалите членки стравуваат дека доминацијата на водечките европски сили уште повеќе ќе расте на сметка на нивното влијание – констатира Биеламович, појаснувајќи дека сè додека во Унијата има земји со кои управуваат проруски актери, притоа споменувајќи го и бугарскиот претседател Румен Радев, ќе биде тешко да се воспостави амбициозна и целосно функционална рамка за борба против руското влијание во Европа.