Главните цели на предложениот нов регулатор ќе бидат запирање на англиските клубови да се приклучат кон натпревари од затворен тип, за кои се оценува дека ѝ наштетуваат на домашната игра, спречување на повторувањето финансиски пропусти, особено колапсите на Бури и Маклсфилд, воведување построг тест на сопствениците и директорите за заштита на клубовите и навивачите, навивачите ќе имаат поголем збор во стратегиските одлуки на нивниот клуб, обезбедување фер дистрибуција на пари низ англиската фудбалска пирамида…, пишува „Би-би-си“

Блокирањето на клубовите да ѝ се приклучат на отцепената европска суперлига ќе биде меѓу овластувањата што ќе ги има новиот независен регулатор на англискиот фудбал, објави „Би-би-си“. Планот за регулатор, препорачан од прегледот предводен од навивачите минатата година, го потврди Владата на Велика Британија. Спречувањето историските клубови да престанат со работа е една од целите, како и да им се даде на гледачите поголем придонес и нов тест на сопствениците и за директорите. Овој потег има цел да го заштити културното наследство на англискиот фудбал, пишува „Би-би-си“.
Главните цели на предложениот нов регулатор ќе бидат запирање на англиските клубови да се приклучат кон натпревари од затворен тип, за кои се оценува дека ѝ наштетуваат на домашната игра, спречување на повторувањето финансиски пропусти што се гледаат во голем број клубови, особено колапсите на Бури и Маклсфилд, воведување построг тест на сопствениците и директорите за заштита на клубовите и навивачите, давање моќност на навивачите да ги запрат сопствениците да ги менуваат името на клубот, амблемот и традиционалните бои на дресовите, обезбедување фер дистрибуција на пари низ англиската фудбалска пирамида од Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“.
– Англискиот фудбал останува еден од најголемите културни извози на Велика Британија, со клубови и лиги низ целиот свет што се моделираат според нејзиниот успех. Затоа Владата денес ги презема потребните и насочени чекори за да се обезбеди дека тоа ќе продолжи со генерации – рече Владата пред објавување на својата „Бела книга“ за управување со фудбалот.

Шест англиски клуба беа меѓу десетина од целиот континент што најавија планови за формирање европска суперлига во април 2021 година. Тоа предизвика неколку бурни дена во англискиот и во европскиот фудбал. Навивачите брзо реагираа, принудувајќи ги клубовите од Премиер-лигата да се повлечат и да се извинат. И покрај пресвртот, продолжи дебатата за иднината на европскиот фудбал на највисоко ниво.
– Регулаторот ќе има моќ да ги спречи англиските клубови да им се приклучат на нови натпреварувања што не исполнуваат однапред утврдени критериуми, во консултација со ФА и со навивачите. Овие критериуми може да вклучуваат мерки за да се запрат клубовите што учествуваат на затворени натпреварувања што ѝ штетат на домашната игра, како што е европската суперлига – рекоа од Владата, пренесува „Би-би-си“.

Новиот систем за лиценцирање ќе бара секој клуб, од Премиер-лигата до Националната лига, да докаже дека има одржлив деловен модел што го имплементираат одговорни управувачи. Со друга клучна моќ регулаторот ќе се осигури дека навивачите ќе имаат поголем збор во стратегиските одлуки на нивниот клуб (на пример, промена на името, амблемот и традиционалните бои на дресовите или промена на стадионот, што нема да биде дозволено да се прави пред да се направат консултации со навивачите, пишува „Би-би-си“). Регулаторот ќе воведе и „засилен“ тест што ќе го замени тековниот процес што го спроведуваат Премиер-лигата, Фудбалската лига и Фудбалската асоцијација. Регулаторот ќе има и овластувања за да наметне нова финансиска спогодба, што значи дека може да ја присили Премиер-лигата да сподели повеќе пари низ фудбалската пирамида. За потребата за воведување регулаторно тело во англискиот фудбал има поделени мислења, но неговото создавање се смета за една од најрадикалните трансформации во управувањето со играта од формирањето на ФК Шефилд во 1857 година, пишува „Би-би-си“. Н.М.