„Перипетија продукција“ ја отвори групната меѓународна изложба „Периферии“ во центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид и „Јуроп хаус – Струга“, која настана за време на триесетдневната резиденција на осуммина меѓународни уметници што престојуваа во Охрид во април 2024 година, како дел од проектот „Проспер: прототип за одржливи резиденции на периферии“. За време на престојот тие се сплотија со околината и остварија интеракција со природата и со урбаното опкружување околу езерото.
– Идејата на резиденцијата беше да се инспирираат уметниците да пронајдат врски помеѓу нивната авторска практика и кревката околина на Охридско Езеро и неговите жители. Своите согледувања и инспирации тие ги изразија преку создавање: фотографии, скулптури, композиции, поеми и интервенции на пронајдени предмети. Траги од нивното креативно истражување се изложени во рамките на групната изложба – велат од „Перипетија продукција“. На изложбата може да се видат делата на: Јара Асмар, Клаудио Беоркија, Јулија Ехлер, Кафар Рзаев, како и перформативно поетско читање на Ката Ѓорфи.
Делови од програмата се случуваат и на самото езеро и во неговата околина.
Муралите на Марија Видовиќ може да се видат на повеќе локации во Охрид, а воденото медитативно звучно доживување на „Њу ликвидити“ (Андерс Ехлин и Селма Бошкаило) се случува на езерото. Резиденцијата ја реализираат пет организации: „Перипетија продукција“ и ЛДА Струга (Македонија), ЛУП (Грција), „Ехо анимато“ (Србија) и „Ојун“ (Германија). Проектот е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, како и од Министерството за култура на Македонија.