Ќе ги поттикнеме ли македонските иноватори?

Иновацискиот центар е центар кој ќе ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи, иноватори и стартапи поддршка за иновации. Значи, некоја компанија има идеја како да се справиме со загадувањето. Токму центарот ќе биде тој кој ќе помогне во реализацијата на таа идеја, во поврзување на сите нишки, за таа идеја да заживее и да стане реалност која ќе помогне во решавањето на проблемот со загадувањето. Овој центар ќе им обезбеди на иноваторите извор на информации за услугите и можностите кои се обезбедени од Европскиот институт за иновации и технологија а и ќе биде предводник во ангажирањето на властите од кои пак се очекува поддршка за иновациите

Конечно и Македонија може да се пофали со нешто што со брзина на светлината ита кон иднината. Пред два дена, во просториите на Центарот за трансфер на технологии и иновации, официјално беше отворен Иновациски центар во земјава.

Знам, на прв поглед многумина не би бие привлечени од името, би рекле дека ова е научна фантастика, но воопшто не е така. Кога малку би истражиле, навистина, многу малку, би сфатиле колкава е важноста на еден ваков центар за целокупниот развој на државата, за чекорење напред кон иднината, за благосостојбата на сите нас.
И не, не станува збор само за некаков си центар што одвреме-навреме по нешто ќе подработува. Напротив, токму еден ваков центар може да го смени текот на економијата, а и на сѐ друго во државата. Од климатски промени, до одржлива енергија, здрава храна, здрав живот…

А многу добро знаеме дека токму ние на овие неколку полиња сме доста слаби и немаме речиси никаков напредок. Доволно е да се спомене колку голем и сериозен ни е проблемот како држава со аерозагадувањето, кое се заканува од година на година дека ќе стане помасовно и подеструктивно.

Да објаснам пластично за што станува збор. Иновацискиот центар е центар што ќе ги подигне регионалните иновации на повисоко ниво и ќе им обезбеди на локалните претприемачи, иноватори и стартапи поддршка за иновации. Значи, некоја компанија има идеја како да се справиме со загадувањето. Токму центарот ќе биде тој што ќе помогне во реализацијата на таа идеја, во поврзување на сите нишки, за таа идеја да заживее и да стане реалност што ќе помогне во решавањето на проблемот со загадувањето. Овој центар ќе им обезбеди на иноваторите извор на информации за услугите и можностите што се обезбедени од Европскиот институт за иновации и технологија, а и ќе биде предводник во ангажирањето на властите од кои, пак, се очекува поддршка за иновациите.

Економски ова може да донесе невидени придобивки за развојот на земјата.
Земјоделството е една од гранките каде што секоја инвентивност заслужува да добие внимание, бидејќи земјоделството е столб на секое општество, а земјоделците се креативни и мошне иновативни луѓе, кои на свои креативни начини успеваат да ја завршат својата работа.

Оттука и би почнувале идеите. Пред да биде измислен системот за наводнување капка по капка, работните земјоделски површини се наводнуваа со разни наводнувачки системи. Денес, сите се стремат, па дури и државните претпријатија да го применуваат системот капка по капка, кој не само што заштедува вода туку и претставува систем во кој земјоделските култури постојано се наводнувани без да бидат поплавени.
Да е таа идеја денес моја, да е прва и да ја нема никој друг, Иновацискиот центар би ми помогнал да ја пласирам, да ја претставам на државата, во ситуацијава на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, кои сигурно би биле заинтересирани за мојата идеја. Потоа, таа идеја ќе се рашири на Балканот, низ Европа и така, мојата иновација станува една од најголемите придобивки не само за мене туку и за мојата земја.

Па има ли поголем патриотизам од овој?
Ние имаме многу паметни генерации, имаме голем број иновативни млади луѓе, кои низ минатото се докажаа дека работат со полна пареа за на некој начин да ѝ помогнат на татковината. Имаше неколку групи студенти што измислија начини за прочистување на воздухот од штетните ПМ-честички, а чии идеи пропаднаа затоа што институциите немаа слух за нивните иновации.

Да, пропаднаа, а можеби некои од нив заминаа во странство да ги претстават своите брилијантни идеи на институции кои имаат слух за своите млади иновативни кадри.
Токму затоа овој центар му беше потребен на Балканот. Ние не сме ниту глупави, ниту мрзливи. Луѓето од нашите простори се вредни, не се плашат од работа. Нам само ни треба поддршка за да успееме, за да опстанеме.

Како држава нам ни е потребно да го зголемиме економскиот раст, а до тоа може да дојде само со конкурентен пазар и приватен сектор што ќе биде полн со иновации. Тоа значи зголемување на конкурентноста на компаниите, но и зголемувањето на нивниот профит.

Треба да бидеме горди што овој центар е првиот во Западен Балкан.
Дали добро ќе го искористиме, останува да покаже времето. Да навиваме да ни потрае, па којзнае, можеби и македонските компании ќе успеат да станат конкурентни на европскиот пазар благодарение на нивните иновативни идеи што ги развиле со помош на Иновацискиот центар.

[email protected]