Владата од сѐ ќе се откаже, освен од власта

Демек голема жртва се спремни да поднесат, та и од премиер и од министри ќе се откажат. Доколку навистина се спремни за откажувања од премиер и министри, зошто не се спремни на предвремени избори?

По лидерската средба меѓу Димитар Ковачевски, премиер на Македонија и претседател на Владата, и Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ почнаа да се наддаваат со понуди до ВМРО-ДПМНЕ за учество во Владата. СДСМ понуди пет министри, а ДУИ великодушно се откажа од премиер – етнички Албанец и го понуди и премиерското место. Демек голема жртва се спремни да поднесат, та и од премиер и од министри ќе се откажат. Доколку навистина се спремни за откажувања од премиер, министри, зошто не се спремни на предвремени избори? Така, секако, нема да имаат премиер и министри, а проблемите, вклучувајќи и измените на Уставот, ќе бидат на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Секако дека откажувањето од функциите е само замка за ВМРО-ДПМНЕ дека „прифатиле уставни измени“. Како да е портпарол на Владата се надоврза и Стево Пендаровски, претседател на Републиката, дека ако се прифатливи уставни измени во Влада, зошто не би биле прифатливи во опозиција. Јасна е намерата да се прикаже дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи само да биде во Владата.

Тоа е всушност почетната позиција на самонаречениот „Фронт за ЕУ“ на ДУИ и СДСМ, со повремена промена на други партии. ДУИ и СДСМ се за ЕУ, се грижат за државата, се над своите теснопартиски интереси, а ВМРО-ДПМНЕ е анти-ЕУ, под влијание те на Русија, те на Левица, те на некои мрачни сили и не водат сметка за државните интереси, туку само за своите теснопартиски интереси. Та дури и Владата во Собрание ќе ги убедувала пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за придобивките од ЕУ-интеграциите. А всушност е обратно. ДУИ и СДСМ не се за ЕУ, туку се анти-ЕУ коалиција во пракса, во лошо владеење, корупција и криминал. Тие ќе бидат за ЕУ само за опстанок на власт.

И за таа ЕУ ќе се откажат од сѐ, дури и ако тоа не е национален или државен интерес. ВМРО-ДПМНЕ е за ЕУ, нема алтернатива на евроатлантските интеграции. Но не на штета на националните интереси. Тоа и во пракса го покажува со прифаќање на политичкиот дијалог и со активно предлагање како да се постигне и ЕУ и национални интереси.

Македонија беше убедувана дека треба да направи голема жртва, да го промени своето име, за да стане членка на НАТО и ЕУ. Дури и рамката за спроведување на Преспанскиот договор е десетгодишна, во кои вторите пет години спроведувањето е условено со динамиката на ЕУ-преговорите. Кои не се случија поради одлагањето од Франција и блокадата од Бугарија. И сега повторно ѝ се вели на Македонија дека треба да направи уште една жртва на патот кон ЕУ. Еднаш прелажани, ама вторпат…

Особено во сегашниот контекст во Бугарија, кој е крајно антимакедонски. Што предлага ВМРО-ДПМНЕ? Сет на мерки што ќе нѐ уверат дека нема да бидеме прелажани по вторпат и нема да бидеме повторно блокирани од страна на Бугарија. Добредојдени се гаранции од големите сили како Германија или САД, секако од самата ЕУ, во форма на декларации. Би биле чекори во исправна насока, но не се доволни.

Нас не нѐ блокираше германскиот Бундестаг, нас нѐ блокираше Бугарија. И не сме наивни, се сеќаваме дека САД не признаа под името Македонија и тоа не ѝ значеше ништо на Грција. Без чекор на добра политичка волја од страна на Бугарија, тешко може да се промени климата во Македонија. И не се бара Бугарија да го промени Уставот, да спроведува реципроцитет, туку мал чин на добра волја да ги прифати пресудите на Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур. Или уставните измени да стапат во сила на денот во членство во ЕУ, кога веќе не може да бидеме уценувани.

Дополнително се бараат мерки за економска и друга поддршка на Македонија. СДСМ за референдумот Преспа ветуваше чуда, кои не се случија. Се бараше и се направи голема жртва, но ветувањата за подобар живот не се случија. Од друга страна луѓето гледаат дека со ЕУ-донации и западни инвестиции се поддржува Србија, која целосно стагнира во реформите и преговорите со ЕУ.

И на крај, за да се постигне промена на подобро во Македонија, мора да се воспостави добро владеење, да се сузбијат корупцијата и криминалот. А во центарот на повеќето скандали за лошо владеење, корупција и криминал е ДУИ. За Македонија да напредува кон ЕУ, ДУИ мора да замине во опозиција, следната влада мора да биде без учество на ДУИ. Има и други причини како кршење на Мајскиот договор и поттикнување на мајоризација над етничките Македонци.

Овој збир на национални, економски и политички мерки се основата на последните два предлога на ВМРО-ДПМНЕ, првиот за широка коалиција без ДУИ и веднаш уставни измени со одложена примена и вториот избори веднаш, уставни измени со договор за национални, економски и политички мерки. Првиот предлог го отфрли Стево Пендаровски, наводно тоа било барано, но не било поддржано и не е прифатливо за ЕУ (Бугарија). Никој не објаснува зошто не е прифатлив вториот предлог. ДУИ шеговито ќе предложи да излезе од Владата кога Уставот ќе биде сменет, што во основа значи отфрлања и на двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ. Како што се отфрли и претходниот предлог на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе прифати промена на Уставот, по моделот на Хрватска.

Јасно е дека за ДУИ и СДСМ не се прифатливи какви било предлози, кои ќе значат откажување од власт. Спремни се и да нема уставни измени, и да нема ЕУ-интеграции, само да бидат на власт. ВМРО-ДПМНЕ презема политички ризик, нуди план за уставни измени, со низа на национални, економски и политички мерки. Кој води сметка за државните интереси, а кој за теснопартиските интереси.

П.С. Во кампањата за поддршка на измените на Уставот власта ја вклучи и Наташа Пирц Мусар, која го воведе аргументот на воведување мнозинско гласање во ЕУ, како гаранција дека Бугарија нема повторно да нѐ блокира. Доколку е така, зошто да го менуваме Уставот сега, а не почекаме кога ќе се случи тоа. Власта ќе одговори мора сега, зошто тоа е дел од преговарачката рамка, која не може да се промени. Но ако преговарачката рамка е непроменлива, тогаш не е променливо дека Комисијата за историја мора да ја заврши својата работа и договореното мора да се спроведе пред да станеме членка на ЕУ. Тогаш како ќе ни помогне мнозинското гласање? Со промена на преговарачката рамка?
Авторот е аналитичар* 
*Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ / Ставовите се лични
Блог www.megjutoa.mк  @sklek