Фото: ЕПА

Војната на Блискиот Исток создава дополнителен притисок врз глобалните енергетски пазари и најсилно ги погодува економски поранливите држави, предупредија раководителите на Меѓународната агенција за енергија, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и Светската трговска организација.

Конфликтот меѓу САД, Израел и Иран предизвика нарушувања во меѓународната трговија, турбуленции на финансиските пазари и зголемена загриженост за стабилноста на снабдувањето со енергенси, особено преку Ормуската Теснина, која е една од најважните светски рути за транспорт на нафта и природен гас.

Во заедничко соопштение, четирите меѓународни институции оценија дека светската економија засега покажува отпорност, но предупредија дека последиците од конфликтот најмногу ги чувствуваат посиромашните земји. Тие се соочуваат со раст на цените на горивата и ѓубривата, зголемена економска неизвесност и ризици за работните места.

Според соопштението, претставниците на институциите одржале состанок посветен на координација на можните мерки за ублажување на економските последици од војната и зајакнување на глобалната економска стабилност.