Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи е резултат на широк консултативен процес со сите засегнати страни и не е подготвен ниту набрзина, ниту со наметнување решенија, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека основната цел на законското решение е намалување на бројот на лица кои користат тутунски производи и подобрување на јавното здравје, пренесе МИА.
Говорејќи на состанок со еснафските здруженија и други засегнати страни, на кој присуствуваше и министерот за здравство Азир Алиу, Мицкоски истакна дека во изработката на законот биле вклучени здруженија, производители, дистрибутери, угостители и сопственици на ресторани и ноќни клубови.
Според него, конечниот текст претставува компромисно решение кое ги зема предвид различните интереси, иако не може целосно да ги задоволи сите страни.
-Не постои идеален закон од кој сите ќе бидат целосно задоволни. Важно е што низ дијалог успеавме да дојдеме до заедничко решение кое во голема мера ги регулира односите во оваа област – рече премиерот.
Тој најави дека Владата ќе инсистира на доследна примена на законот на целата територија на државата и предупреди дека нема да има привилегирани поединци, региони или угостителски објекти.
-Инспекциските служби ќе бидат ригорозни. Нема да има повластени и нема да има селективна примена на законот. Секој што нема да ги почитува прописите ќе биде санкциониран – порача Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека законското решение ќе биде ставено на владина седница во вторник и апелираше неговото усвојување да се реализира што е можно побрзо.
Тој оцени дека правилната и доследна примена на законот ќе придонесе за подобра заштита на здравјето на граѓаните и намалување на употребата на тутунски производи.

































