Македонски духовни левенти

  • „Што им е на луѓето? Не сакаат да ги фалат современиците и оние со кои живеат, а многу сакаат да бидат фалени од своите потомци, кои ниту ги виделе ниту ќе ги видат. Тоа е исто како да се жалиш што твоите предци не ти направиле пофално слово.“ – Марко Аврелиј, „Медитации“ 6.18

 

ДВАЈЦА МАКЕДОНЦИ ЗА ЕДНА МАКЕДОНИЈА

Иако Марко Аврелиј уште пред две илјади години забележал една од најчудните човекови противречности – дека луѓето повеќе копнеат по пофалба од идните генерации отколку по разбирање од сопственото време – ретко сфаќаме колку тешко умееме да ги препознаеме луѓето додека се покрај нас. Како сегашноста секогаш да е премногу бучна за да ја види тивката вредност на човекот. Дури кога ќе помине времето, кога ќе замолкне нечиј глас или ќе остане празно едно место меѓу луѓето, почнуваме да разбираме што навистина сме имале покрај себе.
Можеби затоа вистинските луѓе најчесто не бараат признание, тие оставаат животот и делата тивко да зборуваат наместо нив.
Со текот на времето човек почнува да разбира дека постојат луѓе на кои признанието и никогаш не им било важно. Луѓе што не живеат за восхит, ниту за место во историјата. Туку луѓе што достоинствено ја носат својата вистина, како што се носи нешто свето во себе — без многу зборови, но со тежина што останува зад нив.
Некои колумни се пишуваат со став. Оваа ја пишувам со тишина. Затоа што најтешки се оние разговори што засекогаш остануваат недовршени.
Ристе Велков — Македонец, еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти на современа Македонија. Роден во Скопје во 1975 година, како првенец на Македонската опера и балет со години оставаше силен белег на македонската музичка сцена, особено во белканто-продукциите, поради што многумина со право го нарекуваа „италијански баритон со кадифена боја“. Но зад сцената, зад улогите, зад аплаузите, постоеше нешто уште повредно! Човек што никогаш не ја изгуби блискоста со луѓето. Човек што и покрај уметничката големина остана свој меѓу своите. А јас го паметам токму таков – како човек од моето маало, како дел од едно детство што го поминавме заедно и како глас што повеќе нема да го слушнам во живо.
Пред десет години, кога Ристе Велков ја отпеа „Кога падна на Пирина“, во чест на големиот македонски деец Крсте Петков Мисирков, песната не звучеше како обична изведба. Ја пееше како човек што длабоко ја разбира нејзината тежина – со душа што знаеше и да заболи и да воздигне. А цело време мислев дека ќе имам уште време да му ја дораскажам нејзината вистинска приказна. Дека „Кога падна на Пирина“ не е народна песна, како што многумина веруваат, туку песна испеана од Васка Илиева по стиховите на Христо Пелтеков – Македонец од Пиринска Македонија, кој тајно ѝ ги дал стиховите на Васка Илиева за време на нејзина посета во Софија, замолувајќи неговото име да не биде споменувано, за песната да може да стигне до народот и да преживее меѓу Македонците.
Македонија отсекогаш раѓала луѓе што не биле моќни по функција, туку по дух. Луѓе што не командувале со армии, туку со чувство. Луѓе што народот не ги памети по богатство, туку по трагата што ја оставиле во душата на Македонија. Таквите луѓе народот некогаш ги нарекувал левенти. Зборот доаѓа од стариот медитерански свет, од италијанскиот „levante“, а кај нас останал како име за луѓе со исправен став, чест и јуначки дух. Не само силни луѓе, туку луѓе што носат достоинство дури и кога времињата се тешки.
Но постои и нешто повисоко од тоа: духовни левенти. Луѓе што не освојуваат територии, туку човечки души. Луѓе што не оставаат зад себе страв, туку трага.
Трага што не се мери со моќ или слава, туку со начинот на кој остануваат во споменот на народот и во душите на луѓето што ги познавале. Луѓе што тивко ја носат Македонија во себе. Таков е Христо Пелтеков. Таков беше Ристе Велков.
За жал, тие никогаш не се познаваа. Никогаш не седеле еден спроти друг. А сепак, духовно беа блиски како луѓе што цел живот чекореле по ист пат. Едниот ја напиша „Кога падна на Пирина“. Другиот ја отпеа. А јас ги познавав двајцата! А меѓу нив остана она што не може да се објасни, а сите Македонци го носат во себе. А тоа е – „татковината (луѓето) не се љубат со затворени очи“ – како што велеше Анте Поповски.

ОНА ШТО НАРОДОТ ГО ПАМЕТИ

Народот не памети сè. Не ги памети сите говори. Не ги памети сите политичари.
Не ги памети ни сите времиња што во моментот изгледале како големи и важни. Но памети чувство. Памети песна. Памети човечност. Памети кога некој искрено ги носел во себе Македонија и својот народ. Кај Македонците отсекогаш постоеле луѓе што не знаеле поинаку освен тивко и достоинствено да ја сакаат татковината. Не како идеологија. Не како дневна политика.
Туку како нешто што се носи длабоко во човекот – како мајчин јазик, како спомен од детството, како песна што не можеш да ја заборавиш дури и кога ќе замолчиш. Во различни времиња, некои таа љубов ја претворале во борба, некои во песна, а некои едноставно во начин на живот.
Христо Пелтеков им припаѓал токму на таа генерација Македонци од Пиринска Македонија што својата припадност не ја доживувале како политичка определба, туку како лична вистина. Во шеесеттите години бил дел од младите Македонци во градот Гоце Делчев што се спротивставиле на насилното бришење на македонскиот идентитет и на обидите Македонците во Пиринска Македонија да бидат претставени како нешто друго.
Во тие години македонското прашање не било само историска тема. Тоа било човечка судбина. Многу луѓе биле следени, испрашувани и казнувани само затоа што одбивале да се откажат од сопственото чувство на припадност. И токму во такво време Христо Пелтеков ја напишал „Кога падна на Пирина“. Затоа таа песна никогаш не звучела како обична музика. Во неа не живее само Јане Сандански. Во неа живее една цела Македонија — Пиринска, Вардарска и Егејска. Во неа живее чувството на луѓе што со генерации научиле љубовта кон татковината да ја претвораат во песна. „Македонија други ќе роди, ќе ја ослободат.“ Во тие неколку збора има повеќе македонска историја отколку во многу книги. И можеби токму затоа народот ја прифатил песната како своја. Не затоа што му било кажано да ја сака, туку затоа што во неа се препознал.
Години подоцна, таа песна доби нов живот преку гласот на Ристе Велков. Ристе не ја пееше „Кога падна на Пирина“ како човек што само изведува музика. Ја пееше како некој што длабоко ја разбира тежината на секој стих. И луѓето го чувствуваа тоа.
Како баритон на Македонската опера и балет, Ристе Велков остави значајни улоги на сцената — од „Набуко“, „Риголето“, „Магбет“, па до „Травијата“. Неговиот глас имаше сила, длабочина и препознатлива топлина. Но оние што го познаваа знаат дека зад уметникот стоеше човек што никогаш не ја изгуби блискоста со луѓето.
Токму затоа денес, кога ќе се спомне Ристе Велков, луѓето не зборуваат само за сцената. Зборуваат за човекот. За разговорите. За насмевката. За чувството дека бил свој меѓу своите. А тоа е веројатно најголемото нешто што може да остане зад еден човек. Не функцијата. Не славата. Туку трагата што ќе ја остави во луѓето.
И можеби токму затоа народот најдолго ги памети луѓето што достоинствено ја носеле Македонија во себе. Христо Пелтеков остави зборови. Ристе Велков остави глас.
А народот, како и секогаш, сам одлучува што ќе претвори во вечност.

ОНА ШТО ОСТАНУВА ПО ЛУЃЕТО

Како денес се сакаат Македонија и Македонците? Не со политика. Не со декларации. Не со говори. Македонија најдолго останува жива преку луѓето што одбиваат да заборават кои се! Преку јазикот. Преку песната. Преку споменот. Преку достоинството со кое човек ја носи припадноста кон својот народ.
Можеби токму затоа Марко Аврелиј ја напишал онаа мисла што стои на почетокот на оваа колумна. Луѓето често мислат дека вечноста се добива преку слава. А всушност, вечноста најчесто почнува таму каде што човек искрено ќе остави дел од себе во својот народ. Не во спомениците. Не во титулите. Туку во чувството што ќе остане меѓу луѓето.
Токму затоа Христо Пелтеков и Ристе Велков не се само еден автор и еден уметник. Христо Пелтеков остави зборови што времето не успеа да ги избрише. Во неговите стихови не остана само една револуционерна песна. Остана сведоштво за генерации Македонци од Пиринска Македонија што ја носеле својата припадност како лична вистина, а не како политичка потреба. Ристе Велков, пак, со својот глас како да ѝ даде нов живот на таа историја.
И можеби најсилното нешто во целата оваа приказна е што тие никогаш не се запознале. А сепак, духовно се разбирале. Едниот ја претворил Македонија во збор. Другиот ја претворил во глас. И токму во тоа има нешто длабоко македонско.
Живко Чинго во своите романи не пишуваше за јунаци што освојуваат светови, туку за луѓе што тивко го носат светот во себе. Неговите ликови беа селани, печалбари, татковци, мајки, луѓе со груби дланки и малку зборови, но со душа што знаела да трпи, да сака и да остане исправена дури и кога животот ја виткал до земја. Во нив немаше големи говори, ниту желба за слава. Имаше нешто многу подлабоко — една стара македонска човечност, достоинство што не се учи од книги, туку се наследува како леб, како песна, како татков аманет.
Такви луѓе препознаваме и во Христо Пелтеков и во Ристе Велков. Луѓе што не се обидувале да бидат поголеми од народот. Туку останале дел од него. И можеби токму затоа нивната приказна толку лесно допира до секој Македонец. Бидејќи секој од нас познавал барем еден таков човек. Човек што не зборувал многу за Македонија, а ја носел во секој свој поглед. Човек што не барал признанија, а оставал трага. Човек што не сакал да биде запаметен, а народот сепак го памети.
Тие знаеја дека човек вреди онолку колку што останал човек меѓу своите. Тивки, достоинствени и непокорни, вистински македонски духовни левенти. Јас познавам многу! Верувам и вие! И им се поклонувам!

Тони Менкиноски