Последниот самит на Европската Унија покажа дека е дојдено времето европскиот континент да почне повторно да ги преиспитува своите темели и да се врати на вистинските вредности поради кои за сите стана привлечна европската идеја. А во едни вакви чудни времиња, додека Европа се преиспитува каде тргнала, клучно е соседите да се држат меѓу себе оти географијата ни одредила да бидеме едни покрај други, а невремињата што доаѓаат налагаат да се држиме едни со други.
Токму затоа да се биде добар сосед, во контекст и на евроинтеграциите, не значи само да се дели географска граница туку и да се споделува визија во која успехот на оној од другата страна е успех и за вас. На европскиот пат, солидарноста и меѓусебната поддршка не се знак на слабост, туку на висока политичка свест, свесност дека стабилен, просперитетен и интегриран сосед е најдобрата гаранција за сопствената безбедност и развој. Деновиве, додека Брисел веќе ја промовираше Црна Гора како нова потенцијална членка на Унијата, која треба да ги заокружи преговорите до 2028 година, Хрватска испорача осум барања како услов да дозволи дозаокружување на црногорскиот евроинтегративен процес.
Ќе каже некој еве и Хрватска ѝ го прави истото тоа на Црна Гора што Бугарија и Грција ѝ го прават на Македонија. Но овој пат не е така и не може да се прават споредби. Имено, Хрватска и Црна Гора покажуваат дека и кога меѓу соседите има отворени прашања, тие не мора да бидат пречка за европската иднина на едната земја. Од друга страна, Бугарија и Грција, пак, со децении ја туркаат Македонија во спротивна насока, небаре нејзиниот напредок е закана за нивните национални интереси, без оглед што тоа така го претставуваат.
Разликата меѓу овие два пристапа не е само во дипломатскиот речник туку и во конкретните последици за граѓаните. Хрватска остави простор соседот да напредува, да ги зајакнува институциите, да користи европски пари и да се подготвува за членство. Грција и Бугарија ја држат Македонија пред затворена врата, очекувајќи дека со текот на времето разочарувањето во македонското општество толку ќе порасне, што веќе нема да има критична маса што ќе се спротивстави на ултимативните барања на соседите. Со други зборови, ќе го збришат македонскиот идентитет, што е нивна крајна цел, колку некој да го негира тоа.
Токму во тоа е суштинската разлика меѓу добрососедството како европска вредност и добрососедството сведено на празни зборови. Случајот со Црна Гора најдобро го покажува тоа. Хрватска има свои забелешки и отворени прашања со својот сосед, прашања што се фактографски потврдени. Црна Гора учествуваше во агресијата врз Хрватска во 1990-тите години на минатиот век, носи одговорност за голем број исчезнати лица и тоа е документирано и потврдено. Тоа не се услови што бараат од Црногорците да кажат дека се Хрвати или дека црногорскиот јазик и историја не постојат, туку услови што бараат соочување со одговорноста. Дури и тоа не беше причина Хрватска да го запре црногорскиот европски пат уште на почетокот. Црна Гора можеше да ги отвора и затвора преговарачките поглавја, да напредува во реформите, да ги користи можностите што ги нуди европската поддршка и да ги зајакнува сопствените институции.
Сега, кога се приближува до завршницата на преговорите, на маса доаѓаат и билатералните прашања што треба да се решаваат. Тоа не значи дека сите спорови се лесни или дека Хрватска нема право да ги брани своите интереси, но значи дека постои разлика меѓу барањето решение и намерното спречување на соседот да стигне до целта.
Нема никаква здрава логика ако прашањата можат да се решаваат низ преговори, да се блокираат преговорите на една земја уште пред тие да почнат. Токму тоа е прашањето на кое Македонија со години не добива убедлив европски одговор.
Грција со долгогодишната блокада поради спорот за името, а потоа и Бугарија со условите поврзани со македонскиот идентитет, јазикот и историските толкувања, придонесоа европската интеграција на земјава да се претвори во бескрајно чекање. Наместо да се отвори простор реформите да се спроведуваат во текот на преговорите, Македонија со години се соочуваше со пречки што ја држеа пред самата почетна линија.
Последиците не се само дипломатски. Кога една земја не може да напредува во пристапниот процес, таа губи време, можности за побрзо приближување до европските стандарди и дел од придобивките што ги носи процесот на интеграција. Европските фондови не се подарок за добра волја, туку инструменти за развој, реформи и подобрување на животот на граѓаните. Колку подолго една земја останува надвор од процесот толку подолго нејзините граѓани чекаат на тие можности и уште повеќе растат фрустрациите внатре.
Кога се гледаат работите од оваа перспектива, тогаш клучното прашање е дали целта на постојаните блокади беше навистина да се решат споровите или да се создаде доволно голем притисок врз Македонија за таа, изморена од чекањето, на крајот да прифати и нешто што во нормални околности не би прифатила.
Но ефектот од политиката на блокади е очигледен. Македонија намерно е оставена да губи драгоцено време, додека нејзините соседи веќе со години ги уживаат придобивките од членството во Европската Унија. Кога спорот се користи за да се запре целиот европски пат на една држава уште пред тој да почне, тогаш тој престанува да биде само спор меѓу две соседни земји и станува средство за политички притисок. На пример, зошто Грција или Бугарија не овозможеа пристапните преговори да течат, а внатре да ги отвораат прашањата за кои имаат резерви, па низ дијалог да се најдат решенија. Така веројатно и многу побрзо ќе се најдеа решенија.
Секако, Македонија не е без сопствена одговорност, потребни се реформи, функционални институции, независно судство, борба против корупцијата и политичка зрелост бидејќи никој не може да очекува членство без исполнување на европските стандарди. Но да не се лажеме, ниту една земја членка, особено не со последните проширувања, не ги исполнуваше овие услови целосно. Добар дел од нив подоцна се оправаа кога веќе беа дел од ЕУ, а Грција и Бугарија и ден-денес не се оправени, особено во делот на заштитата на човековите права и правата на малцинствата што не ги признаваат.
Затоа, ако Црна Гора може да напредува, да ги спроведува реформите и паралелно да ги решава отворените прашања со Хрватска, тогаш зошто истата формула не се примени и за Македонија. Како и да е, секоја земја има своја историја и свои проблеми. Но токму затоа Европската Унија треба да покаже дека постојат јасни правила, еднакви критериуми и волја билатералните спорови да не се претвораат во бесконечна пречка за проширувањето. Во спротивно, европската перспектива помалку ќе зависи од тоа колку една земја напредува, а повеќе од тоа дали некој нејзин сосед ќе одлучи да ѝ го дозволи тоа. А тоа веќе не е европски принцип, туку политика на моќ.
Народот одамна има изрека за ваквото однесување: „Да му цркне козата на соседот“. Наместо да гледаме како и нашиот и неговиот двор стануваат поуредени, поважно ни е соседот да нема повеќе од нас, да не напредува, да стагнира или дури и да назадува. Наместо да се градат патишта, да се поврзуваат економиите и да се создаваат подобри услови за живот, се бараат начини другиот да се задржи во место.
Бугарија и Грција не се надворешни набљудувачи на европскиот проект, туку членки на Унијата што треба да ги застапуваат нејзините вредности. Ако од една страна се повикуваат на европска солидарност, а од друга го користат своето членство за да го забавуваат развојот на соседот, тогаш неизбежно се отвора прашањето колку нивното однесување е во согласност со духот на таа Европа.
Хрватска и Црна Гора покажуваат дека отворените прашања не мора да го запрат целиот процес. Македонија, за жал, ја искуси спротивната страна на приказната. И затоа, ако навистина сакаме да зборуваме за европски вредности, тогаш не треба да се прашуваме само дали Македонија ги исполнува условите за членство. Треба да се прашаме и дали Европската Унија има доволно сила да спречи нејзините членки од билатералните спорови да прават трајна пречка за европската иднина на соседите.
На крајот, Европа не може да биде заедница на солидарност ако некои нејзини членки ја градат својата политика врз надежта дека соседот ќе се измори, ќе осиромаши и на крајот ќе попушти. Тоа не е добрососедство. Тоа е само старата балканска завист облечена во европски костум.
































