ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ
- Огромен чекор е за нас да играме против најдобрите тимови во Европа и во светот. Многу сме среќни и смирени и сакаме да уживаме, да уживаме во ова прекрасно патување, вели тренерот на Комо, Фабрегас, во интервју за УЕФА, во пресрет на третото коло сезонава
Откако одигра 104 натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) за Арсенал, Барселона и за Челси, двократниот освојувач на европската титула со репрезентацијата на Шпанија, некогашниот фудбалер од средниот ред Сеск Фабрегас ја заврши својата играчка кариера во Италија, во Комо, каде што исто така се разви во успешен тренер, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА), која направи интервју со Фабрегас во пресрет на третото коло на новата сезона на Лигата на шампионите, во кое Комо утре се среќава дома со Манчестер јунајтед. По еден период со младинскиот тим, Фабрегас им помогна на сениорите да се пласираат во Серија А, во 2024 година, како помошник на Осиан Робертс, а потоа му беше доделена главната тренерска функција. Ломбардискиот тим го освои десеттото место во својата прва сезона со Фабрегас како тренер, а потоа се пласира во Лигата на шампионите со четвртото место минатата сезона.
– Мора да се справиме со сѐ многу мирно. Огромен чекор е за нас да бидеме тука играјќи против најдобрите тимови во Европа и во светот. Имаме многу тежок пат за пласман во следната фаза, а за нас е задоволство да бидеме тука натпреварувајќи се против сите овие тимови, проучувајќи ги и анализирајќи ги. Веќе го правевме тоа, но сега мора да го направиме за да се обидеме да победиме. Многу сме среќни и смирени и сакаме да уживаме, да уживаме во ова прекрасно патување – изјави Фабрегас во интервјуто за Европската фудбалска унија.
За соочувањето со Манчестер јунајтед тој вели дека следува „одличен натпревар против еден од најдобрите и најголеми тимови во историјата“, пренесе УЕФА.
– Мислам дека ова ќе биде прекрасна пригода за целиот град, за целиот клуб, за сите навивачи, за играчите, за персоналот. Тоа е натпревар за кој вреди да се сонува, но мора да се обидеме да дадеме сѐ од себе за да победиме и да ги освоиме трите бода, што е секогаш најважно. Ги познаваме многу добро. Имаат одлични играчи и тренер со големо искуство, кој одлично се покажал. Полека мора да разбереме како е да се соочиш со врвни екипи, кога знаеш дека се подобри од тебе, но, сепак, мора да се натпреваруваш со она што го имаш. Нашата внатрешна сила и нашиот менталитет се она што мора да нѐ направи силни и да ни дозволи да веруваме дека можеме да го направиме тоа – рече Фабрегас.
Фабрегас играше фудбал под раководство на тренерите Арсен Венгер, Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо.
– Имав голема среќа што работев со најдобрите тренери или некои од најдобрите тренери во историјата. Значи, да, полека научив неколку работи, некои позитивни работи. Што и да не беше толку позитивно, од гледна точка на тимот или од моја, потоа го земате и го ставате во топка, на некој начин, за да ги формирате сопствените идеи, да создадете своја методологија, свој стил на игра. На крајот на краиштата, мора да бидете свои, како го гледате фудбалот. И секогаш си го поставувам истото прашање: Како сакам да губам? Тоа е од витално значење за мене: Како сакате да губите? Сакам да си одам дома по пораз знаејќи дека сме го направиле она што сме сакале да го направиме. Не сакам да си одам дома по пораз мислејќи дека не сме биле свои. Ако некогаш ни се случило тоа, навистина ме боли – рече Фабрегас. Н.М.
Во третото коло дуел на водечките два тима
Во третото коло на фудбалската Лига на шампионите ќе има еден дуел помеѓу екипи што во првите две кола забележаа по две победи, а тоа е мечот помеѓу водечките две екипи, актуелниот европски првак Пари сен Жермен и Барселона. По првите две кола на новата сезона во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување, девет тима забележаа по две победи, а тоа, покрај Пари сен Жермен и Барселона, уште и Астон вила, Штутгарт, Ливерпул, Спортинг, Арсенал, Реал Мадрид и Бетис. Н.М.
ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ, 3. КОЛО
ДЕНЕСКА
Фенербахче – Славија 18.45 ч.
Сабах – Борусија Д. 18.45 ч.
Рома – Слован 21 ч.
Порто – ПСВ Ајндховен 21 ч.
Ливерпул – Вилјареал 21 ч.
Манчестер сити – АЕК 21 ч.
ПСЖ – Барселона 21 ч.
Наполи – Бодо/Глимт 21 ч.
Штутгарт – Атлетико М. 21 ч.
УТРЕ
Комо – Манчестер ј. 18.45 ч.
Лил – Галатасарај 18.45 ч.
Астон вила – Викинг 21 ч.
Клуб Бриж – Ленс 21 ч.
Баерн – Арсенал 21 ч.
Интер – Шахтер 21 ч.
Реал М. – Лајпциг 21 ч.
Бетис – Феенорд 21 ч.
Спортинг – ЛАСК 21 ч.
































