Октомври, освен што е убав есенски месец, еве веќе триесетина години е и месец на „Скопскиот џез-фестивал“. Секогаш има елегантен нов плакат по градските билборди и на страниците на весниците и интересни референтни анимација на програмите на многубројните ТВ-станици. Вистинско време и убав повод е да се зборува за џезот за да се здивне малку од дневнополитички теми и фрустрации, да се освежи и да се разбранува нашата здодевна и банална реалност.
На 26 февруари 1917 година во њујоршкото студио на фирмата „Виктор“, влегуваат пет бели музичари од Њу Орлеанс и ја снимаат првата грамофонска плоча, звучен запис на џез-тема што претставува едно од најзначајните збиднувања во историјата на оваа музика. Пред тоа џезот бил само опскурна фолклорна музика, која ја изведувале неколку стотици црни музичари и некои белци во Њу Орлеанс. На друго место во Америка речиси и не можеше да се чуе.
Ако во своето настанување тој се потпира на афроамериканските корени, со текот на времето прераснува во методологија што овозможува во неговата основа да ги вткаеме и сопствените омилени (па и македонски и балкански) рефрени и да ги варираме според сопствената волја, инспирација и дарба.
Враќајќи се наназад во средината на минатиот век, ќе забележиме дека џезот, никнат зад сцената од онаа страна на океанот, ги добива својата вистинска димензија и значење во Европа благодарение пред сѐ на правилната детекција на рафинираната и подготвена европска публика, која уште во раните педесетти години на минатиот век го открива потенцијалот на џезот како универзален културен израз и го доживува и го толкува како вреден уметнички жанр.
Музичарите уметници по правило ја чувствуваат и ја препознаваат вистинската публика, што предизвикува лавина од џез-миграции, турнеи, настапи кон старата добра Европа, при што на класичен фетишистички начин џезерите од локални прераснуваат во глобални мултикултурни митови – хиперлинкови, при што обединуваат милиони поклоници и обожаватели низ светот. Меѓутоа Хитлер ја забрани модерната и апстрактната уметност, според објавата од пред дваесетина години во „Њујорк тајмс“ по повод фасцинантното шоу „Третиот рајх и музиката“ во „Сите де ла музик“ во Париз. Со ваквиот чин, во извесна смисла од моќна и неприкосновена позиција на владетел, се прогласува апсолутна доминација на совршените форми на хармонската прогресија, создадена и олицетворена во совршените форми на делата на Бах, Хендл, Бетовен, Брукнер и на Вагнер. Отфрлајќи ги и сатанизирајќи ги атоналноста на Шенберг, музичката апстракција, џезот, свингот и другите музички бранувања што доаѓаа од преку океанот како дегенеративни и несоодветни за душата на „првиот музички надарен народ на земјата“ – според зборовите на Јозеф Гебелс, интелектуалниот спиритус мувенс на Рајхот – спротивно на своите убедувања, тие му го доделуваат можеби првиот сериозен комплимент на џезот како уметност. Со тоа истовремено го трасираат и го верификуваат како методологија за ослободување од совршенството на музичките форми на хармонската прогресија, во кои тој, како особен уметнички израз, всушност е заробен. Признавајќи ја огромната моќ на музиката, која е во срцето на тогаш семоќниот и неговите поданици, се отвора можеби едно од клучните прашања за онтолошката структура на џезот како уметност.
Историјата на џезот, особено онаа т.н. интуитивна фаза (почетокот на 20 век), временски и методолошки кореспондира со појавата на ликовната апстракција, што е исто така предмет на отфрлање и пејоризација, ја карактеризира една заедничка нишка. Дефигурацијата во ликовната уметност, хармонската деструкција во џезот и монтажниот простор во структурниот развиток на филмот, сите заедно укажуваат и водат кон една од клучните компоненти во модерната уметност – деконструкцијата. Но деконструкција не толкувана и сфатена како субверзивен аспект што ја распарчува и „дегенерира“ формата, туку како методологија што го поттикнува креативниот дух и го води низ лавиринтите на творечките процеси.
Ведро и анегдотски прозвучува и формулацијата на бугарските цариници, кога на границата од багажот ни ги одземаа винилските џез-албуми, со образложение дека во Бугарија е забрането да се внесува т.н. развалена џазова музика.
Влијанието на првиот апстрактен акварел на Кандински и редоследот од деконструктивистичкиот наплив во првата половина од минатиот век, како и низата интуитивни џез-референци на американскиот „бекстејџ“, пред сѐ треба да се набљудуваат како влез во новата ера на неограничените визии и како обид за ослободување на креативниот дух од „ропството“ на совршените форми и содржината. Тоа на планот на тогашниот општествено-историски момент (кај Бугарите и без малку кај целиот тоталитарен Исток) подразбирало загрозување на тоталитарниот дух, кој очигледно претендирал да има контрола над сите сфери. Толку како вовед во приказната што следува.
Во еден убав, дождлив пролетен ден во Амстердам – прашува новинар од првиот ред на пресот за медиумите: Се чини дека џез-музиката и средновековниот манастир не се создадени еден за друг, но режисерот Аљоша Симјановски од Македонија ги комбинира. Филмот го следи внатрешниот конфликт на свештеник што сака џез и свири саксофон во еден македонски древен манастир. Религиозното православие е обврзано со строги правила за практикување музика: само пеење, без инструменти. Освен тоа, џезот не е насочен кон продлабочување на религиозното искуство, туку кон поземни работи. Свештеникот може да ја реши својата морална дилема само со разделба со една од неговите две љубови.
– Дали таков свештеник навистина постои или е тој фикција?
Разговор со авторите по претпроекцијата на филмот е обврзен дел од фестивалската програма и убава можност за претставување и дополнување на портфолијата и простор за дообјаснување на естетските намери и цели на проектите. Прашањето, кое ако се земе продлабочено, е пред сѐ голем комплимент, особено за режисер на краткиот метар, следува одговор. Тоа во некоја рака е добар знак дека авторот заедно со актерите и креативниот продукциски тим успева да ја издигне својата фикција до степен на документарна уверливост и да ја вовлече публиката во приказната. Неколку нови лица на пресот влегуваат, го насочуваат вниманието во дискусијата. Понекој блиц и понекоја прибелешка во нотесите. Чарли Паркер е глобален мит, и знаете, тоа е една убава јадица да се продаде приказна – го започнувам својот одговор во вид на вешто интелектуално пиар-обопштување, со што при такви ситуации и нестандардни прашања се добива во време и се бара начин како да се заобиколи вистинскиот одговор.
Ако се има предвид, во светот на приказните, како суверена и креативна зона, сите содржини се возможни и вистински. А дали таков необичен свештеник навистина постои и дали е можно неговата фасцинација од легендарниот алт саксофонист Чарли Паркер да биде реалност… зашто да не – одговорам неодредено.
По малку збунет од неочекувано прашање погледнувам преку сите во прес-салата на фестивалот и за миг го фаќам погледот на мојот продуцент, кој е меѓу присутните. Од движењето на неговите усни успевам да прочитам – „постои“.
Подзастанувам за миг, се чешам по увото и продолжувам. Тоа е една од конкретните последици на Големата шизма. Десет века источните христијани ја практикуваат вокалната литургија, ползувајќи ги сопствените грла и ограничените можности на сопствениот глас како инструмент. Во исто време во недрата на Западната црква, во содејство со звуците на оргулите и клавирчебала се создадени прекрасните творби на Палестрина, Бах, Хендл… Што се однесува до конкретното прашање, дали таков духовник е возможен? – одговорот е: – Да, постои, тоа е вистински лик. Таков свештеник живее и работи во древниот Лесновски манастир, во библиска Македонија – се обидов да го искористам моментот и да поентирам. Околината на древниот манастир и неповторливиот македонски пејзаж се вистинска инспирација и почва врз која никнале и опстојуваат безброј митови, а еве од оваа сторија можете да се уверите дека и неповторливиот Чарли Паркер, лоциран во тој митски простор соодветствува и ѝ прилега на приказната. Мала пауза по изговореното. Во тишината го препознав ехото на сопствената патетика и чувствувајќи нараснато внимание вдахновено продолжив. Она што е интересно да се подвлече е динамичкиот карактер на глобалните митови, кои во фантазијата на синеастите овозможуваат најразновидни приказни. А што се однесува до свештеникот џез-фан од Лесновскиот манастир, тој пред сѐ во музиката на неповторливите соло-делници на легендарниот алт саксофонист Чарли Паркер успева да ја препознае и да ја почувствува слободата на еден свој начин… и одлучува да се обиде преку инструментот да изрази дел од својата духовност – продолжив со несмалена жестина. Свештеникот од древниот Лесновски манастир во Македонија и неговата персонална дилема, настаната како резултат од фасцинација со глобалниот мит, патиштата на духовната слобода, излезот од вителот на дијатониката, конфирмација и уште редица значења и можни толкувања се вткаени во овој кус филмски приказ.
Моралната чистота и етичка литургиска формална недоследност се само дел од причините поради кои одлучува да се распопи и да ја напушти црквата. Мали придвижувања меѓу присутните, прибележувања во нотесите и понекој блиц од фотоапаратите.
А што се однесува до реалната подлога на приказната, нашата Македонска црква на која и јас духовно и припаѓам има свои епархии и на тлото на Америка, од каде што потекнува и вистинската приказна за Чарли Паркер.
Овој текст, потсетување, е инспириран од збиднувањата на премиерната проекција на филмот „Мојата љубов Чарли Паркер“ на фестивалот ИДФА во Амстердам пред повеќе години.
И за крај и овој октомври да ја споменеме долгогодишна заемна љубов и почит што трае и која ги допира и нашите простори низ престижниот и квалитетен „Скопски џез-фестивал“, на кој во текот на изминатите повеќе од три децении се појави сѐ што е денес вредно во светот на џезот. Ова културно збиднување е интересно и од аспектот на зрелоста и рафинираноста на публиката, како обврзен дел и инспирација за творечка комуникација и интеракција во светот на џезот. Голема група вљубеници, посетители што сите овие години упорно ги следат збиднувањата и концертите и уживаат во софистицираниот програмски концепт наречен „Скопски џез-фестивал“, се силна потврда за компетентна и подготвена публика како неопходен дел и поттик за уметниците и како важна претпоставка за смислата на овој културен хиперлинк и допир на светското џез-искуство.
Аљоша Симјановски
































