Под мотото „Детството е најубава приказна – да им помогнеме на децата да ја напишат со насмевка“, во ЈУДГ „Детска радост“ во општината Гази Баба, со низа интересни, креативни и едукативни активности се одбележa Неделата на детето.
– Детската недела не е само уште една недела во календарот исполнета со активности. Таа е потсетник за сите нас, возрасните, дека секое дете има право да биде сакано, слушнато, прифатено, заштитено и почитувано. Убаво е секоја година да се потсетиме дека детските права не се привилегија, ниту награда за добро однесување. Тие му припаѓаат на секое дете, без исклучок. И секако нашата грижа за децата не завршува со Неделата на детето. Таа трае 365 дена во годината, бидејќи среќното детство не се создава со повремени настани, туку со секојдневна љубов, внимание и посветеност- ни објасни психологот Билјана Лотеска.
Во текот на неделата децата учествуваа во музички, спортски, драмски и креативни активности, во некои денови беа вклучени и родителите во работилниците, преку кои на непосреден и забавен начин децата учеа за другарството, почитувањето на различностите, соработката и заедништвото.
Посебно внимание привлече театарската претстава „Зимница или колачи“, во изведба на вработените од објектот „Мимоза“, кои овој пат своите секојдневни професионални улоги ги заменија со улоги на шумски животни. Преку хумористични ситуации, музика и интересна приказна, претставата им пренесе на децата пораки за пријателството, помагањето и споделувањето. Претставата се изведе во сите објекти на градинката, а детската смеа и аплаузите се најдобрата потврда за успешноста на оваа иницијатива.
– Кога работите со деца, понекогаш треба да бидете психолог, воспитувач, раскажувач, музичар, а понекогаш и мечка, лисица или верверичка. И токму во тоа е убавината на нашата професија. Не е важно колку добро ќе ја одиграте улогата, туку колку радост ќе оставите зад себе. Децата можеби ќе ја заборават содржината на претставата, но чувството дека некој се потрудил да ги насмее и израдува останува многу подолго – раскажува Лотеска.
Во рамките на Детската недела се реализира и хуманитарната акција „Од дете за дете“, во соработка со Црвениот крст на Општина Гази Баба, преку која се собира облека за оние на кои им е потребна.
Традиционално, последниот ден од Детската недела е посветен на подарувањето книги, со што литературните катчиња во градинката ќе бидат збогатени со нови наслови, а децата ќе добијат уште повеќе можности за дружење со книгата и развивање на љубовта кон читањето.
– Сакаме децата да научат дека не мора секогаш да им се купува нешто за да бидат среќни. Понекогаш најголемата радост е токму во подарувањето, споделувањето и правењето добро за некого. Тоа се животни лекции што не се учат од учебници, туку од искуства, со другарчиња, во градинка – додава Лотеска.
Детската недела заврши, но приказната за среќно детство продолжува секој ден. Зашто децата не се само нашата иднина, тие се нашата најголема одговорност денес. Ф.Д.
Мајките, бајките и сонот
Кој го измисли креветчето?
– Сонот!
Кој го измисли сонот?
– Бајките!
А бајките прекрасни?
– Мајките!
Кај е таа мајка,
кај е таа бајка,
или под креветчето се крие?
Кога ќе дојде мајката,
ќе дојде и бајката
па детето слатко ќе спие.
Србо Ивановски (од книгата „Сончево око“)
































