ВМРО Титова – конечна

Легендите на бившојугословенската кошарка Тони Кукоч и Дино Раѓа се појавија во Белград на натпревар меѓу Партизан и Олимпијакос во рамките на Евролигата. Кукоч и Раѓа дојдоа во Белград и добија голем аплауз од навивачите на Партизан. Доаѓањето во Белград беше можност да се видат пријателите и поранешните соиграчи од репрезентацијата Жељко Обрадовиќ (64) и Зоран Савиќ (57), актуелниот тренер и спортски директор на Партизан.
Некогаш тие заедно ја делеа соблекувалната, кога Југославија го освои златниот медал на Светското првенство во Аргентина во 1990 година.
Каде оди сегашноста кога станува минато, а каде е тогаш минатото? Тоа се главните извори на егзистенцијалните, политичките, журналистичките, филозофските, па и на поетските проблеми, размислувања, дилеми. Длабока поделеност меѓу граѓанството, јавните личности, новинарите, академската и дипломатската фела. Разногласие доведено до степен на усвитеност, нетолерантност и лична нетрпеливост. Во медиумите и на социјалните мрежи редици тешки зборови, иронија, сарказам, фрустрираност, навреди, говор на омраза, зла крв. Такви се размислувањата на многумина, на тема – нивото и амбиентот и во ова време во македонскиот дел од реалноста и пошироко во дијаспората. Што се однесува на спротивставените мислења и толкувања, па и остриот вокабулар кај политичарите, тој, според теоријата и праксата, бил и е легитимен дел од политичката борба и дејства. Но многумина поблиски и подалечни се загрижени за поделбите по однос на разните мислења кај обичните луѓе, при што размислувањата и толкувања се земаат како голем грев, исклучивост, лоши намери. Или плурализмот е тој што многумина од нив го дочекаа неподготвени, политички полуписмени, но и до невкус гротеска и безобразие (не сите се разбира) – гласни, готови да спорат, оценуваат, валоризираат и врескаат. Политиката ги раскара луѓето, мислење што често може да се чуе и кое се востанови како резиме. Според социолозите експерти, станува збор за неискуството во практикувањето на демократијата, што по повеќедецениско едноумие кај генерации се востанови како ментален код, па стварноста и во денешните нови плурални услови продолжува да се третира и доживува акламативно, консензуално, еднонасочно.
Младите и учени магистри, автори и докторанди се збунети од фактот дека голем дел граѓани повеќе од три децении по смената на општествениот систем сѐ уште тагуваат по времето на социјализмот, диктатурата на пролетаријатот, времето „кога Господ одеше по овие простори“, кога луѓето бесплатно се лекуваа и се школуваа и кога достоинствено и човечки тагуваа. Веројатно задолжителната временска дистанца за евалуација на ликот и делото на харизматичниот маршал стасала, и добро е и од оваа перспектива да се отвораат и одговора на прашања, пред заборавот и историскиот ретуш да ја земе таа материја во свои раце.

Историската личност Јосип Броз-Тито, поранешниот претседател и маршал на југословенската федерација, според извесни мерења на јавното мислење во независна и демократска Македонија е незаборавена и сѐ уште популарна, за што сведочат голем број сојузи, здруженија на Титови леви, десни и преостанати сили, мемореми и воздишки. Незаборавни се фотографиите од црквата „Св. Спас“ и почитта што Маршалот ја имаше за Гоце Делчев и македонското револуционерно движење, кое често го апострофираше во своите обраќања.
Социјализам со човечки лик, мека диктатура и слично како облик на владеење, се некои од карактеризациите на ликот и делото на Ј.Б.Тито од аналитичките кругови на новиот демократски бран. Тоа е факт. Но тоа секогаш треба да се разгледува во еден поширок општествено-историски контекст.
Треба да се има предвид историското сознание дека речиси сите држави во настанување минуваат низ силни премрежиња и драматични околности, а многу од нив и не успеваат во државотворната конституција. Историскиот реалитет Југославија постоеше речиси пет децении и од настанувањето до распадот се совпаѓа со биолошкиот тајминг и ликот и делото на Јосип Броз и неговите соборци и истомисленици. Тоа беше еден вид „држава во револуција“, во која, според бизарната логика на нештата, „револуцијата ги изеде своите деца“ – а голем дел нивни потомци ги остави да се прпелкаат во транзициските ветрометини, затскриени зад параванот – „следбеници на борбените традиции“ да се обидуваат со шарени перформанс револуционерни дејства незаслужено одново да ги приграбат власта и придобивките од неа. По органското исчезнување на Маршалот и најголемиот дел од првата генерација револуционери, се случи хаварија распад на братската заедница на народите и народностите.
Практиката е критериум на вистината, подвлекуваат дијалектичарите, и од мноштвото дифузни ставови околу популарноста на Ј.Б.Тито, најпрвин треба таа да се издвои и осветли, најпрвин како целина и како клучна претпоставка при оценувањето на историската вредност на неговата политика.

Името на Ј.Б.Тито е тесно сврзано со настанувањето, траењето и распадот на историскиот реалитет Југославија, заедница на народи и народности, во која според извесна статистика во периодот од 1948 до 1990 година се склучени 8,5 милиони мешани бракови. Сплотени околу идејата за просперитет и социјална правда, во социјализам како општествен систем, практикуван како динамичка доктрина, Титовата „мека диктатура“ малку беше видлива и често беше доживувана како вид просветен апсолутизам. Успешната анимација на неврзување како блоковска определба, но и раскошното минато на Јосип Броз, бонвиван и „дописен член на академијата на белосветскиот џетсет“, му донесе на Маршалот и мондијална популарност.
На неговиот погреб се собраа државници и достоинственици од сите блокови и политички определби. Митот за Тито е првиот заеднички производ и бренд што пред некое време го понудија и дузина туристички агенции од Југоисточна Европа за да привлечат повеќе туристи и да спечалат.
А, што се однесува на нашите поделби во практикувањето плурализам, разликите се во нијанси, суштината е иста, практично идентична, неделива и безмалку стандардизирана. Потврда за тоа се и програмските цели и определби на неколку чекори пред изборниот натпревар… Партиите се здружија во коалиции, леви, десни, централни, независни, етнички, национални, интернационални… Ветуваат демократија, стопански подем, излез од сиромаштијата, повисок стандард, принципиелна надворешна политика, сѐ за доброто на граѓаните, пензионерите, младите, нивната сегашност, иднина… Со оглед на скромните видливи економски перформанси, степенот на демократска зрелост во нашата млада држава и деликатните геополитички транзициски случувања и престројувања, сѐ е во рамките на предвидливото и очекуваното.

Гордоста, инаетот, разновидната интерпретација на историското наследство и сегашност се всадени во профилот на голем дел (не)определен и никогаш докрај предвидлив гласачки корпус што веројатно ќе игра крупна улога и во идните етапи на нашиот демократски развиток. И за крај, во духот на горенаведениот наслов, и нашето некогаш заедничко славно спортско минато..
Во чест на 60-годишниот роденден на Дражен Петровиќ, најголемиот кошаркар во Европа, кој го загуби животот во 1993 година, во Загреб на 5 септември ќе се одржи кошаркарски спектакл. Тоа ќе биде меч меѓу репрезентацијата на Хрватска против Европа, или играчи од Евролигата, а тренер ќе биде Жељко Обрадовиќ. Организаторот на овој спектакл најави дека им се испратени покани како специјални гости да дојдат и членовите на оригиналниот дримтим од 1992 година, но и сите членови на репрезентацијата на Хрватска што во финалето на ОИ во Барселона, заедно со Дражен, играше против САД. Исто така е нагласено дека како гости се очекува да присуствуваат Никола Јокиќ, Лука Дончиќ…

Аљоша Симјановски