Априлилили

Ова е мојата последна колумна; за кратко или подолго време – зависи од вас. Не сакам да бидам некоректна кон редакцијата што толку години ми ја дава оваа привилегија да го кажувам она што го мислам јас, но и што мнозина други сакаат да го слушнат и прочитаат, без никаква цензура или приговор. Наближува почетокот на изборната кампања, па сметам дека не е во ред да го користам овој простор. Во согласност со прописите, барем теоретски би требало да имам можност низ политички пораки, дебати и соочувања да ги соопштувам моите ставови во претседателската трка. Велам теоретски, затоа што практиката веќе навестува нешто сосема обратно. Како што обично и се случува во Македонија. Но, битката ќе се води пред институциите, а не преку колумни. Ете, случајно оваа колумна излегува на Денот на шегата. Некои велат ова е Денот на лагата. Кај децата е најчесто ден на фантазијата, кога преку маски и костими можат да бидат како своите суперхерои. Камо среќа такви денови да имаат многу, не само во годината, туку и низ животот. Бидејќи како што растат, така системот (првенствено лошото образование, но и другите општествени конвенции) им ги поткаструва крилјата на фантазијата и креацијата, па така, постепено зачекоруваат во светот на возрасните.
Ова ќе биде мое прво вистинско политичко искуство, на политички ринг. Целата своја кариера сум се обидувала на студентите да им пренесам знаења и сфаќања дека политиката е јавно добро, нешто околу кое се гради политичката заедница, што е аристотеловска идеја. Но, тоа е ѓаволски тешка работа кога стварноста го покажува обратното, а студентите веќе доаѓаат со негативна перцепција за политичарите и политиката. Втората работа што обично им ја кажувам е дека политиката не се сведува само на битка за власт и на избори, туку дека е поширока дејност, во која секој од нас мора и треба да биде вклучен низ разни форми и на разни нивоа. Критиката и барањето отчетност на политичките елити се едни од нашите можности и задачи за надзор.

Политиката, онаа демократската, се гради одоздола нагоре, а не обратно; а притоа и не останува „заробена“ само во политичката сфера (деградирана на избори). Ако нема демократија во сферата на работното дејствување, таму каде што се вади лебот и се одвива животот, сè друго е фарса – обично за еден ден. Затоа изборите не се никаков „празник на демократијата“, туку само еден ден од кој понатаму почнува да се реализира ветеното од претставниците на народот. Демократија би требало да биде она што се случува од избори до избори. Студентите секогаш со насмевка ја дочекуваат тезата за разликувањето на polites и idiotes, односно на активните граѓани што ја преземаат одговорноста за водењето на јавните работи во заедницата со учество, од оние што велат „ма, не се замарам јас со политика, ќе си уживам во личниот живот“ или „сите се исти“. И тука настапува Бертолд Брехт, кој вели „вие може и да не се занимавате со политиката, ама таа се занимава со вашите животи“. Јас би додала, одлучува за животите, ама и за смртта – дали поради руиниран здравствен систем, тешка сиромаштија или со војување, тоа е сеедно. Затоа, ако сакаме да имаме удел во одлуките што значат живот или смрт, треба да не им ја препуштаме политиката само на професионалните политичари.
Всушност, идејата на политиката не е во создавање елити, касти на привилегирани што се ротираат од власт во опозиција и од функција на функција, туку во еднаквоста и достапноста на сите позиции за секој член на заедницата. Она што го гледаме, се разбира, е квазиелитистичка верзија на „шуто и рогато“, кое притоа само менува страна и во стилот на еден покоен политичар вели „ние сме секогаш со власта“. Но, уште поголем проблем е кога ќе се видат „големите лидери“ (еве, токму деновиве се рекламира ТВ-дуелот на деценијата меѓу два лидера, од кои еден асолен не можете да направите). Ова оди дотаму што уште пред почетокот на (фер и демократска, нели) изборна кампања и избори тие веќе ги дефинирале фаворитите, па дури и победникот/победничката. Ваквото намерно девалвирање на политичката борба е во насока на задржување на општественото, економското, политичкото, па и безбедносното статус кво. За политички девици не само што нема место во равенката, велат тие, туку и само им пречат на „големите“. Сите овие што се со полна уста демократија, всушност, би сакале политички монопол – секој во својот етнички атар. Тоа е фактички укинување на плурализмот во кој божем се колнат.

Во пресрет на Први април, овде ѓаволот одамна ја однел шегата, Македонија е сè што немаме, ама ние и натаму се веднеме. Се задолжуваме за да купиме оружје, а светот се тетерави кон нова глобална војна. Ако сте политичка девица, ако не ги користите нивната фразеологија и орвелијански новоговор и излегувате со нови идеи и визии, веднаш ќе ве обележат како црна овца, случаен минувач во политиката, радиоактивен елемент, па дури и нереализиран професор. Тоа што програмите и платформите што ги промовираат се токму соодветни за Денот на шегата не им пречи да ги задржат сериозните лица. Потсмевањето и подбивот ги чуваат за оние што никако не се вклопуваат во тој утврден наратив, пејзаж и начин на одржување на стабилократијата.
На крајот, пред да се одјавам од овие страници, редно е да кажам дека токму колумните и моите јавно кажувани ставови низ децениите ме доведоа во оваа за мене нова положба. Ме соочија со фактот дека ако останам настрана и овој пат, кога една за мене идеолошки блиска опција ме кани да ги застапувам граѓаните, и тоа мнозинството, кое е обесправено, социјално понижено, осиромашено и експлоатирано, тогаш значи не сум сериозна. Зборовите треба да се преточат во дела.

Теоријата во практика. Накратко, мојот јавен ангажман како левоориентиран интелектуалец, демократ и мировен активист ме доведе во ситуација да морам да го докажам она што го зборувам. Салонски интелектуалец никогаш не сум ни била, така што битката за враќање на достоинството на нацијата е нешто што само треба да се води на инаков начин, од оној поширокиот политички терен да се префрлам на потесниот, повалканиот и подоминантниот. Доста попаметните попуштаа. Мина паузата во духот на Андриќ, кој велеше дека понекогаш доаѓаат времиња кога паметниот ќе замолчи, будалата ќе проговори, а фукарата ќе се збогати.
Но, имам еден проблем: немам маска! Ни за Први април ни за тоа што следува. Не знам ни да лажам, а и не сакам. Визија и креација имам. Зборувам: што на ум, тоа на друм. Немам пиар-фирми, ни советници како да држам говори, како да зборувам, ни пари за специјална гардероба и ништо слично на тоа. Одам со тоа каква што сум: ќе го добиете она што и досега сте го гледале/слушале како мое „вјерују“. Но, верувајте, токму тоа ќе биде доволно за да се види како револуционерен чин во оваа зачмаена бара. Веројатно сте ја чуле изреката на Кафка: бев посрамен кога сфатив дека животот е костимирана забава, а јас се појавив со моето вистинско лице. Јас свесно влегувам во ринг во кој е пожелно да си со маска, но единствената грижа не ми е дека ќе се посрамам, туку да не си го извалкам образот со кој влегувам.