Првиот пациент во Русија кој прими персонализирана терапевтска вакцина против меланом е пуштен дома, а лекарите продолжуваат да ја следат неговата состојба, објави рускиот портал „Курски новости“. Станува збор за 60-годишен маж од Курската област, кај кого претходно била применета вакцината „Неоонковак“, направена индивидуално според карактеристиките на неговиот тумор.
Според „Курски новости“, пациентот бил вратен во својот регион, каде што следењето на неговата здравствена состојба продолжува во локална онколошка установа. Во извештајот се наведува дека првичните анализи покажале мали позитивни промени, но тоа сè уште не претставува доказ за конечна ефикасност на терапијата.
Вакцината „Неоонковак“ првпат е применета во клиничка пракса на 1 април, годинава во Националниот медицински истражувачки центар за радиологија на Министерството за здравство на Русија, објави ТАСС, повикувајќи се на руското Министерство за здравство. Според истиот извор, првиот пациент е 60-годишен жител на Курската област со дијагностициран меланом на кожа.
„Неоонковак“ е персонализирана вакцина насочена против туморот, развиена со технологија (mRNA). Како што наведува Националниот медицински истражувачки центар за радиологија, вакцината се развива врз основа на индивидуалниот генетски профил на туморот на пациентот, со цел имунолошкиот систем да препознае и уништи клетки на рак, со што би се намалило оштетувањето на здравото ткиво.
Според руското Министерство за здравство, пациентот веќе бил во процес на имунотерапија, но и понатаму постоел висок ризик од прогресија на болеста. Поради тоа, персонализираната вакцина била применета како дополнителен терапевтски пристап за контрола на заболувањето, објави „Форбс Русија“, повикувајќи се на Министерството.
И покрај оптимистичките најави, руските здравствени власти нагласуваат дека не станува збор за универзален лек против рак. Министерот за здравство Михаил Мурашко изјави дека технологијата е важен чекор за онкологијата, но дека „не е панацеа“, туку дополнителна алатка во рацете на лекарите онколози, пренесе „Интерфакс“.
Станува збор за персонализирана терапевтска вакцина применета кај пациент со меланом, а за нејзината безбедност, ефикасност и поширока употреба ќе бидат потребни дополнителни клинички податоци и подолгорочно следење.

































