Првпат од осамостојувањето Македонија е избрана да биде дел од едно од водечките тела на Обединетите нации (ОН) – Економскиот и социјалниот совет (ЕКОСОК), информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски. Според него, ова е огромен успех за државата и македонската дипломатија, откако со 174 гласа Македонија ќе биде дел на ЕКОСОК во периодот од 2027 до 2029 година.
-Во Обединетите нации во Њујорк, нашата држава беше избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на ОН – ЕКОСОК, за периодот 2027–2029 година. Овој избор е потврда дека државата може да постигнува резултати кога работи плански, сериозно и со јасна дипломатска цел. Тоа е признание за трудот на нашата активната дипломатија и за довербата што ја градиме со нашите партнери – рече премиерот Мицкоски.
Во изминатиот период, додаде тој, Македонија стана членка на Советот за човекови права на Обединетите нации, како и на Извршниот совет на Организацијата за забрана на хемиското оружје, а денешниот избор во ЕКОСОК, „е продолжение на тој позитивен тренд и доказ дека нашето присуство во меѓународните организации станува посилно и повидливо“.

































