Фото: Маја Јаневска Илиева

Македонското Министерство за правда денеска соопшти дека од Европската унија стасала „значајна потврда за реформскиот курс на државата и за работата на Министерството за правда, откако претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ги поздравил континуираните напори и постигнатиот напредок во спроведувањето на реформската агенда.

-Особено сме горди што Европската Унија го препозна усвојувањето на Патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација како конкретен и опиплив резултат на нашата посветеност. Овие стратешки документи претставуваат темел за изградба на поефикасни институции, посилно владеење на правото и поголема доверба на граѓаните во правосудниот систем – се наведува во соопштението.

Министерството за правда, се додава во соопштението, останува цврсто посветено на спроведување на реформите, исполнување на европските стандарди и забрзување на евроинтегративниот процес.

-Признанието од највисоките европски претставници е потврда дека реформите даваат резултати, а нашата држава сигурно чекори кон своето место во европското семејство – нагласуваат од Министерството.