ФУДБАЛ – ОБЈАВЕНИ СЕ СИТЕ СОСТАВИ ЗА НАСТАП НА СП 2026
- Потврдените состави ги нагласуваат големината и трајната привлечност на турнирот, со вкупно 1.248 играчи, 357 што се враќаат на СП, 891 дебитант, претставени се 449 клуба од 71 земја, во трка за трофејот се 22 што веќе биле светски прваци…, пишува ФИФА
Составите на репрезентациите за Светското првенство (СП) се објавени од Светската фудбалска федерација (ФИФА) неколку дена пред почетокот на Мундијалот, а во 48-те репрезентации има 1.248 фудбалери достапни за настап на 104-те натпревари во Канада, Мексико и во САД, со што ова издание на СП е пресвртница за глобалната игра, отворајќи ја вратата за повеќе земји, фудбалери и нивни навивачи од кога било досега, пишува ФИФА.
Од глобални ѕвезди до дебитанти, составите одразуваат невидена разновидност и светска застапеност, пишува ФИФА. Потврдените состави ги нагласуваат големината и трајната привлечност на турнирот, со 357 играчи што имаат барем по едно претходно вклучување во состав за СП и 891 дебитант.
Генерациската широчина е еднакво впечатлива, со повеќе од 25 години разлика меѓу највозрасниот играч (Крег Гордон од Шкотска, 43 години и 162 дена) и најмладиот (Гилберто Мора од Мексико, 17 години и 240 дена). Вкупно 22 играчи се помлади од 20 години, седум се на возраст од барем 40 години, а во игра се и 22 што претходно ја освоиле светската титула, пишува ФИФА.
Во комбинација со враќањето на веќе етаблираните ѕвезди на водечкото фудбалско натпреварување, овој турнир, исто така, носи нов бран фудбалери и земји во центарот на вниманието. Зелено’ртските Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан се подготвени да дебитираат на светско првенство.
Аргентинецот Лионел Меси, Португалецот Кристијано Роналдо и Мексиканецот Гилермо Очоа се подготвени за рекордно шесто учество на СП.
Потврдените листи ја одразуваат глобалната природа на модерниот фудбал, бидејќи се претставени 449 клуба од 71 земја (14 од Азија, шест од Африка, седум од Северна Америка, осум од Јужна Америка, еден од Океанија и 35 од Европа). Репрезентациите на Катар и на Саудиска Арабија се составени речиси целосно од фудбалери што играат дома (25 од 26 во двата случаја), а Зелено’ртските Острови, Конго, Брегот на Слоновата Коска, Курасао, Сенегал и Уругвај имаат состави со играчи од странски лиги, пишува ФИФА.
Португалскиот селектор на Гана, Карлос Кеироз, петти пат по ред ќе биде селектор на светско првенство, претходно водејќи ги Португалија во 2010 година и Иран во 2014, 2018 и во 2022 година. Тој е само вториот селектор што се појавил на пет турнири по ред, по Бора Милутиновиќ (од 1986 до 2002 година), пишува ФИФА.
Потврдените состави го отелотворуваат она што го прави турнирот навистина уникатен, прослава на извонредност, разновидност и глобално единство преку фудбалот, пишува ФИФА. Н.М.

































