Деновиве е објавен македонскиот превод на романот „Колач со лимон и афион“ од современата шпанска писателка Кристина Кампос, во превод на македонски јазик на Виолета Јагев. Станува збор за емотивна и топла приказна за семејството, женското пријателство, простувањето и храброста повторно да се почне од почеток. Сместен на живописниот остров Мајорка, романот ги следи сестрите Анна и Марина, кои по долгогодишна разделеност повторно се среќаваат поради наследството што им го остава мистериозна жена: стара пекарница во малото гратче Валдемоса. Кристина Кампос нè вовлекува во свет полн со емоции и нè повикува да размислиме за вредноста на нашите корени и за важноста да се следат сопствените желби. Прекрасна химна за семејството, љубовта, сестринската поврзаност, женската сила и за вторите шанси.
Книгата доживеа огромен успех во Шпанија и беше адаптирана и во филмска адаптација во режија на Бенито Замбрано. Критиката ја опишува како: „Возбудлив и убав роман со класичен сензибилитет“, „Нежна рефлексија за семејството, вторите шанси и храброста да се вратиш кон дел од себе што останал во минатото“. „Колач со лимон и афион“ е наменета за сите љубители на современата европска книжевност, семејни саги и емотивни приказни со силни женски ликови. Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата „Циркулација на европски книжевни дела“ во состав на „Креативна Европа“ на Европската Унија – потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на Македонија.
Кристина Кампос (1975) е шпанска писателка. Во Барселона дипломиралa хуманистички науки, а своето образование го продолжила во Хајделберг (Германија), каде што специјализирала кинематографија и станала координаторка на Меѓународниот филмски фестивал од тој град. Со враќањето во татковината, започнала кариера во филмската индустрија, занимавајќи се со кастинг за филм и за телевизија. Последните неколку години пишувањето книги го усогласува со својата редовна дејност во аудиовизуелниот свет.