Фото: Принтскрин

Коридорот 8 е стратешки инфраструктурен проект кој ќе ги поврзе Јадранското и Црното Море преку Албанија, Македонија и Бугарија, а неговата реализација ќе ја зајакне отпорноста, мобилноста и економската конкурентност на целиот регион, изјави заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Бен Нупнау.

На свеченото потпишување на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка – Деве Баир, Нупнау оцени дека проектот е важен и за Европската Унија и за НАТО, бидејќи ќе придонесе за подобра поврзаност, полесен транспорт на луѓе и стоки, како и за поголема мобилност за цивилни и безбедносни потреби.

 – Денешното потпишување е значаен чекор кон почетокот на реализацијата на проектот. Сега се договорени сите неопходни измени во инфраструктурниот и финансискиот план, што овозможува почеток на работитен – изјави Нупнау.

Фото: Принтскрин

Тој го поздрави и напредокот во соработката меѓу Македонија и Бугарија, потсетувајќи дека неодамна во Софија се одржа првиот состанок на заедничката работна група за подготовка на изградбата на прекуграничниот железнички тунел.

 – Нашето присуство денес е потврда дека Европската Унија останува целосно посветена Коридорот 8 да стане реалност. Очекуваме наскоро да видиме конкретен напредок на терен – порача Нупнау.

Директорот на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Македонија, Бјорн Габриел, рече дека измените на договорите биле неопходни поради усогласување на заемите и ИПА-грантот, оценувајќи дека денешното потпишување претставува важна пресвртница што го отвора патот за објавување на тендерот за изградба во наредните недели.

Тој додаде дека ЕИБ веќе обезбедила грант-средства од Европската Унија за техничка подготовка на западниот крак на Коридорот 8 кон Албанија, додека Европската комисија ја разгледува физибилити-студијата за делницата Струга – албанска граница.

Директорот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Македонија, Фатих Туркменоглу, истакна дека проектот ќе овозможи изградба на 23 километри железничка пруга меѓу Крива Паланка и Деве Баир, со што ќе се комплетира источниот крак на Коридорот 8.

 – Оваа инвестиција ќе ја доближи земјата до соседите и до Европа, ќе го олесни транспортот и ќе создаде нови можности за граѓаните и за бизнисите – изјави Туркменоглу.

За изградбата на третата делница од Железничкиот коридор 8 преку Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија се обезбедени 149 милиони евра грант.