Љупчо Давчев

Песни што ме тераат да играм

Не знам за вас, ама за мене целото тоа движење нов романтизам беше некако празно, голо. На око убаво, светкаво, но музички неповрзано, текстуално катастрофа. Што да се очекува од движење што израсна веднаш по или во време на панкот, и тоа од неколку бутици на кои им беше доста од искинати фармерки, кожени јакни, спојувалки, патенти расфрлани онака без врска, скинати чизми и чудно обоени коси. И за да дојдат до нови пари почнаа да продаваат светкава облека што изгледа убаво, да промовираат средени шатирани коси и многу шминка. Откако го направија тоа (како одговор на панкот), видоа дека сега ќе им треба нешто што ќе блесне, што ќе ги претстави пред светот. И измислија музички групи, помогнаа во нивно создавање, ги облекоа во светкавите костими, заедно создадоа музика на основа на глам-рокот („Т-рекс“, Брајан Фери, Дејвид Боуви) и синт-попот и ги пуштија на телевизија, по радија, на Ем-ти-ви, „Фанзини“, „Музички новини“, ги вклучија познатите медиуми во движењето.
И така ги добивме „Дјуран дјуран“, Бој Џорџ, „Каџагого“, „Шпандау балеј“, „Висаж“, „Адам Ант“ и еден куп други групи.
Ова движење го освои светот. Како светот да беше прекрасно место за живеење, мирно, преполно со љубов, толеранција, па тие се најдоа тука уште и културно, манекенски, визуелно да го дополнат. Како пример колку беа влијателни е податокот дека 40 отсто од оние носачи на звук што се продаваа во Америка му припаѓаа токму на новиот романтизам, што е доволен показател за тоа каква била младината во тој период.
Кај нас, во Југославија, исто така заживеа овој правец, па се појавија „БОА“, „Џакарта“, „Дориан Греј“ и еден куп други, иако со мало задоцнување во однос на оригиналното движење. Е сега, движењето во самата суштина беше празно, позерско, со многу гламур во него. Ги гледаш насекаде тиe насмеани фаци со брендирана облека во разни светкави бои, тотално различни од хипиците и панкерите, кои секогаш беа валкани, но имаа идеја зошто и против кого се борат. Ова веројатно е единствениот правец што и нашата младина во некогашната заедничка земја го прифати на ист начин, како и во Америка така и во Британија. И со тоа се докажува дека голем дел од младината кај нас била иста таква, во светкави брендирани маици и кошули, шатирани коси, само форма без идеја, оние што не размислуваа многу, туку сакаа само да се покажат, да бидат видени. Е тоа е една од причините поради кои не го почитував новиот романтизам, како и музичките групи од тој период. Поради лажливиот изглед на една тотално забегана младина, која подоцна, кога порасна, не успеа да се снајде, која успеа да го издигне на повисоко ниво она што беше мутаво, ама полно со пари, оставајќи ги сите други назад. Потоа, сите подоцнежни генерации страдаа, бевме доведени во ситуација разни певаљки, свираљки да ни постават нови вредности. Па тој нов романтизам потсетува на трубофолк-сцената во регионов, исто така светкави, дигнати, гламурозни, чудна музика и текстови од кои не знаеш кој од кој е попатетичен.
Поводот да дадам ваков вовед е дамнешниот концерт на „Дјуран дјуран“ во Скопје. Што се однесува до организацијата, секоја чест, сѐ на место, навреме, без никаков проблем. А на бината тие четворицата, блескави, светнати, со придружни вокали, помошни музичари, на светско ниво. И се редат по некој нивен редослед: „Girls on film“, „Union on snake“, „Planet Еarth“, „Hungry like wolf“, „Rio“ … Неверојатно воиграни, свират без грешка, толку усовршени што во одредени моменти се прашуваш дали е концерт во живо или снимка. Секоја чест. Публиката во делириум, танцува, скока, пее, едноставно ужива во сите овие хитови, а да ги прашаш што е текстот во песните ќе се чудат два дена. Малку околу публиката, онаа што беше во салата, а салата беше преполна.
Во првиот дел околу бината видов многумина што биле романтичари во периодот кога „Дјуран дјуран“ беа популарни (Миле Сообраќаецот, Јоцо од Ѓорче 2, Тони од Центар…), но разликата е што сега не носат светкави одела, шатирани коси, посебни светкави кондури, тие се сега во фармерки, кошули, маици со стомаци и природно шатирани сребрени коси. Се гледа дека дошле да се потсетат на младоста, но без почит кон „Дјуран дјуран“. Ако имаа почит ќе беа нашминкани и дотерани како на времето. Тоа покажува дека не останало ништо од новиот романтизам. Или како што посакуваше д-р Дјуран Дјуран во култниот филм „Барбарела“ да воспостави контрола над градот Сого и да постигне меѓуѕвездена доминација, користејќи го својот опасен изум, позитронскиот зрак, така и групата „Дјуран дјуран“ (еве да видите од каде ѝ е името) посакуваше да воспостави контрола со својата музика, во што донекаде и успеа. А дали тоа беше нешто што нѐ облагороди и воздигна?