Во текот на денешниот ден, овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, постапувајќи по наредби издадени од судија на претходна постапка во координација и под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, спроведуваат претреси на дом и лица на повеќе локации, соопштија попладнево од Управата за финансиска полиција.
– Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на кривични дела од областа на финансискиот криминал за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери и со кои се проневерени буџетски средства во износ од речиси 80 милиони денари. Во рамки на акцијата, а во согласност со насоките на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица од Управата за финансиска полиција, лишени од слобода се две лица – информираа оттаму, пренесува МИА.


































