Фото: Орце Ѓорѓиевски/Фејсбук

Кобила која се ождреби на улица во Скопје утрово беше повод за реакција на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој побара институциите итно да преземат мерки за заштита и згрижување на животните.

Ѓорѓиевски информираше дека екипите на ЗОО – Скопје веднаш реагирале и дека кобилата и ждребето се преземени и сместени на безбедно место, каде што ќе добијат соодветна нега и стручен третман.

– Раѓањето нов живот треба да биде убава вест. Но, кога тоа се случува на асфалт, во несоодветни услови и изложено на опасност, тоа е сериозен повик за одговорност – напиша Ѓорѓиевски.

Тој посочи дека иако Град Скопје не е надлежен за оваа област, ќе ги стави на располагање своите капацитети за да помогне во решавање на проблемот.

– Не смееме да се навикнеме на сликите на напуштени и експлоатирани животни по скопските улици. Со нивното згрижување не завршува обврската – порача градоначалникот.

Ѓорѓиевски ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да преземат координирана акција во рамките на нивните надлежности.

– Потребни се конкретни мерки – заштита и соодветно згрижување на животните, но и одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба – наведе тој.

Според градоначалникот, случајот не треба да остане само уште една вест, туку да биде повод за системско решение.

– Нема да дозволам ова да остане само уште една вест што ќе се заборави до утре. Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град – порача Ѓорѓиевски.