Од ракометното минато (40)

  • По Работнички, Графичар, Борец и Пелагонија, Вардар и Пелистер беа последните македонски екипи што заиграа во Првата југословенска ракометна лига. Битолчани беа најконстантни со две втори места во поранешната држава

Овој серијал, во кој имавме можност да видиме како и зошто во конкуренција на екипните спортови ракометот стана спорт број еден во Македонија, ќе го завршам со потсетување на двата последни прволигаша што ги имавме во силната југословенска лига, Вардар и Пелистер. Откако првиот македонски прволигаш Работнички полека почна да се губи од сцената, а Графичар многу порано го снема, во Скопје во 1961 година во рамките на Спортското друштво Вардар се формира и ракометен клуб. Самото име, најмногу поради фудбалскиот клуб, кој беше многу популарен и беше вистински спортски бренд, ги привлекуваше младите и тие да станат членови на новоформираниот ракометен клуб. Добра околност за РК Вардар беше што токму во тоа време поради недостиг од средства и слаба организација се намалуваа активностите во другите скопски клубови, па така, од нив речиси цели постави доаѓаа во новоформираниот клуб. Таков беше случајот со поранешните играчи на Графичар и особено Партизан 1, кој комплетно помина во Вардар. Подоцна вардарците во Градскиот парк добија и свој стадион, кој, пак, поради немање средства за негово одржување по неколку години го напуштија. Навистина штета, зашто со изградбата на трибините беа создадени идеални услови за одигрување натпревари пред поголем број гледачи. Но тоа е веќе минато, останува само да се сеќаваме на натпреварите одиграни на отворено, зашто подоцна, со изградбата на спортските сали, ракометарите комплетно се преселија во нив и тука ги извршуваа сите активности. Новото време бараше нови подобри услови за тренинг и за натпревари. Црвеницата и бетонот заминаа во заборав.

Вардар – трет скопски прволигаш

А сега да видиме што се случуваше во квалитетниот ракомет во Македонија. Во сенка на Работнички, во годините додека тој се натпреваруваше во Првата југословенска лига, поради големата популарност што ја доби ракометот, се формираа и многу клубови. Сите тие имаа една цел, да излезат од анонимност и да се вивнат во ракометните височини. Токму ова се случи и со скопски Вардар.
– Во 70-тите години од минатиот век, Вардар создаде еден квалитетен тим со големи амбиции. Тогаш се натпреварувавме во Втората лига југ, во која играа екипите од Црна Гора, Косово и од Македонија. Покрај Вардар, од нашата република второлигаши беа уште Пролет, Работнички, Тиквеш, Тутунски комбинат и Пелагонија. Друштвото го комплетираа екипите од Косово, Божур, Трепча и Влазними, и од Црна Гора, Рудар, Ловќен и Будуќност. Во силна конкуренција, во која сите екипи бараа шанса да стигнат до најквалитетната Прва лига, во натпреварувачката сезона 1975/76 ние го освоивме првото место и како трет скопски клуб во историјата се пласиравме во најелитната лига. Во првата прволигашка година изборивме опстанок, што беше и наша цел. Да се опстане во конкуренција со најсилните, за нас беше голем успех – се сеќава на тоа време вардаровиот голман Ванчо Јовановски, кој беше еден од најдобрите чувари на голот во поранешната држава и репрезентативец на Југославија.
Заслуга за ова, покрај играчите, имаше и тренерот Предраг Зорба, кој и како играч имаше убава кариера и не ѝ беше непознат на ракометната јавност.
– Зорба успеа да вкомпонира еден цврст тим, па иако многумина нѐ сметаа за први на списокот за испаѓање, ние опстанавме во лигата. Со тоа покажавме оти Македонија има квалитетни екипи, како на времето што беа Работнички и Графичар, и ќе може рамноправно да се носи со ривалите од другите југословенски републики. Меѓутоа, откако ја прегрмевме првата прволигашка сезона и кога требаше да тргнеме во една нагорна линија, поради несоодветни услови за работа, клубот западна во криза и следната година испаднавме од Првата лига – вели Јовановски.
Јовановски се сеќава на сите соиграчи во Вардар. Па за да не бидат заборавени, Ванчо ме потсети на тогашниот состав, во кој покрај него беа уште Чаволи, Пејчановиќ, Миле Гиевски, Филип Пејовски, Кире Ивановски- Ќумбе, Љупчо Савевски, Горан Лозанов, Никола Божинов, Здравко Русмир, Борче Наумовски, Младенов. Ова беше главно стандардниот тим, а имаше и уште неколкумина помлади играчи, кои подоцна направија убави кариери.

Пелистер најконстантен во Првата лига

Последен македонски ракометен клуб што се натпреваруваше во Првата лига пред да се распадне поранешна Југославија беше битолски Пелистер. Подемот на битолчани не беше случаен, туку тој дојде како резултат на долгогодишната традиција што ја имаше овој град во ракометниот спорт. Впрочем, Битола и Скопје беа зачетници на ракометната игра уште во првите години по Втората светска војна. И овој пат ќе го споменам основоположникот на ракометот во Македонија, Славко Матовски. Тој како прв дипломиран студент од Македонија на ДИФ (Факултетот за спорт во Белград), по завршувањето на студиите сакаше да го пренесе своето знаење и во Македонија. Инаку, Матовски уште во студентските денови почна да игра голем ракомет (малиот тогаш не постоеше), па не само што беше столб во студентската екипа, туку тој стана и југословенски репрезентативец. Чувствувајќи дека нашето поднебје како да е создадено за овој спорт, веднаш се ангажира ракометот да го донесе и во Македонија. Благодарејќи на неговата настојчивост и љубов кон спортот, во тоа успеа, па така, Скопје и Битола станаа првите наши ракометни центри. Ете, затоа никој не треба да се чуди од каде градот под Тумбе Кафе има толку долга и богата ракометна историја.
Битолчани со голем ентузијазам и желба за успех го прифатија овој спорт. Како резултат на големото ангажирање да направат нешто вредно, во името на Пелагонија во 1971 година Битола го доби првиот прволигаш. Ова беше добар сигнал за битолчани дека во ракометниот спорт треба да ја гледаат својата спортска перспектива. И токму така беше, со појавата на РК Пелистер почнаа убавите ракометни години, полни со возбуда и резултати за почит. Опстојувањето на Пелистер на големата сцена не беше од кус век. Напротив, сѐ до распадот на државата пелистерци беа членови на елитната југословенска лига, во која беа цврст противник за сите ривали. Битолскиот ракомет зачекори на патеките на кои и денеска чекори и постигнува солидни резултати.

Звучни тренерски имиња

Со желба да го издигнат клубот на повисоко квалитетно ниво, низ Пелистер од 1982 година продефилираа многу познати тренерски имиња. Прв од таа елитна група тренери што не беа од Македонија, во Битола во 1982 година дојде Анте Костелиќ, чија тренерска биографија повеќе се врзува со скијањето, бидејќи тој е татко на шампионскиот скијачки тандем, братот и сестрата Ивица и Јаница Костелиќ. Со професионалниот однос и акумулираното искуство, Костелиќ внесе многу нови работи во клубот. Тој ги осовремени тренинзите, но беше вистински деспот, знаеше да каже тогашниот голман Стевче Стефановски. Кај него немаше не можам, а ако задоцнеше некој на тренинг, не прифаќаше оправдувања, веднаш следуваше казна. Меѓутоа, Костелиќ не се задржа долго во Битола и по неполна година си замина. Сепак, битолчани не го забораваат, а најмногу се сеќаваат на тогаш малата Јаница, која првите скијачки искуства ги доживеа токму на снегот на Пелистер, за многу години потоа да стане најдобра алпска скијачка во светот, која покрај 30-те триумфи во Светскиот куп освои и четири злата на олимпијадите. И синот Ивица, кој е повозрасен од Јаница, беше врвен алпски скијач, со четири сребра од олимпијадите и едно злато од светските првенства.
Влегувањето на Костелиќ во Пелистер како да ги заинтригира и другите тренери да станат дел од историјата на клубот. Втор по Костелиќ беше Иво Мунитиќ, познато тренерско име на поранешните југословенски простори. Тој имаше големи заслуги што битолчани се пробија кон врвот на прволигашката табела на која двапати беа втори (зад Металопластика), во 1987 и во 1988 година. Всушност, од тие моменти кон Пелистер почна да се гледа со многу поголем респект. Веќе немаше дилема оти ракометот ќе биде препознатлив знак за Битола. Под Тумбе Кафе подоцна доаѓаа и други познати тренерски имиња од кои битолчани најмногу го паметат Касим Каменица, кој во тој период, во 1989 година, со младата репрезентација на поранешна Југославија, на шампионатот што се одржа во Риека и во Делнице, ја освои светската титула.
За растот на Пелистер голем придонес кон крајот на минатиот век имаа и домашните тренери Цане Крстевски и Стевче Стефановски. Кога беше најтешко и кога битолчани запаѓаа во криза, тие беа тука да му помогнат на својот клуб.
Токму овде, со ракометниот битолски пејзаж јас го завршувам серијалот за македонскиот ракомет, за неговиот развој и подем. Повеќе се осврнав на годините кога овој спорт се појави на сцена веднаш по Втората светска војна, па сѐ до распаѓањето на поранешна Југославија. Ова беше значаен период ракометот да стане спорт број еден во Македонија. Она што во тоа време беше акумулирано во македонскиот ракомет подоцна ги даде и вистинските резултати. Учествата на нашата репрезентација, и тоа во континуитет на светските и на европските првенства, го потврдуваат тоа, а клупските европски титули на Кометал Ѓорче Петров и двапати на Вардар го кренаа рејтингот на нашиот ракомет на едно високо светско ниво. Овде би го додал и полуфиналниот настап на Пелистер во Европскиот куп на национални куп-победници, во кој по голема драма во битолската сала во последните секунди од „мечот на столетието“, како што го нарекуваат битолчани, со германски Лемго, Пелистер го испушти настапот во финалето.
Има уште многу да се пишува за ракометот, но им го препуштам тоа на помладите колеги, а јас ќе продолжам со други теми и спортови. Во следниот период во понеделниците во спортскиот прилог на „Нова Македонија“ ќе имате можност да го читате серијалот за пливачките маратони, во кој посебно место ќе има Охридскиот маратон. Ова ќе биде убава можност да се потсетиме и на нашите големи имиња во овој спорт.