„ОД ЃУРЃОВДЕН ДО МИТРОВДЕН“
На историската и временската крстосница помеѓу деветнаесеттиот и дваесеттиот век, македонскиот народ се соочувал со суштествени општествени превирања, кои далеку го надминуваат простото хронолошко одбројување на годините. Токму во ова судбоносно време се обликува и вкоренува творештвото на Војдан Чернодрински (1875-1951). Издигнато во времиња на веќе разгорената револуционерна борба, неговото творештво ги впива сите суштински белези, трауми и идеали на современиците. Војдан Чернодрински се развива првенствено како револуционер и патриот, а дури потоа како драмски писател, режисер и театарски актер, ставајќи го севкупното свое битие во непосредна служба на националното движење. Неговиот развоен пат сведочи за спојот на политичката свест и уметничкиот израз во мигот кога културно-просветната борба прераснува во оружено ослободително движење. Крајот на деветнаесеттиот век во Отоманската Империја претставува ера на длабока внатрешна ерозија, дезинтеграција и постојана политичка криза. По серијата територијални загуби на портата на Балканскиот Полуостров, на европскиот дел од царството остануваат под директна отоманска контрола уште единствено Македонија и Одринско. За официјалната турска власт, зачувувањето на овие две подрачја не претставува само обично територијално прашање туку претставува единствената преостаната можност за опстанок и присуство на балканските простори. Поради таа причина, султановиот режим инвестира огромни административни, воени и полициски ресурси за да го одржи постојниот поредок со строги репресивни мерки врз христијанското население. Истовремено, токму околу овие геостратешки важни земји се судираат спротивставените интереси на тогашните европски големи сили, како и експанзионистичките апетити на младите соседни балкански држави, кои преку своите црковно-училишни пропаганди настојуваат да приграбат што поголем удел врз идното наследство на империјата. Оваа сложена меѓународна и регионална констелација значително го отежнува патот на македонскиот народ кон извојување национална независност. Соочени со притисокот на централната отоманска власт и асимилаторските пропаганди, револуционерните дејци сфаќаат дека е неопходно создавање на што поширок и што похомоген фронт.
Во тој обединет национален корпус, своето место требало да го заземе како обичниот селанец и борец така и интелектуалецот способен да дејствува со посуптилни, културни и пропагандни средства. Културно-просветната борба, која низ целиот деветнаесетти век се водела за зачувување на јазичниот и духовниот идентитет, природно еволуира во организирано вооружено движење. За да се мобилизираат широките народни маси и да се разбуди националната свест кај обесправените слоеви, се јавува насушна потреба од нови медиуми. Покрај публицистиката, печатот и непосредната усна агитација, театарот и драмската реч се издвојуваат како најдиректно и најприемливо средство за политичка кауза, поставувајќи темел за идната национална култура.
Војдан Чернодрински е роден како Војдан Поп Георгиев на 15 јануари 1875 година во планинското дебарско село Селци, во областа Дебарска Жупа. Неговото потекло е од свештеничко семејство, што му овозможува рана писменост и длабока приврзаност кон народните обичаи и традицијата. Својот литературен псевдоним Чернодрински го зема токму од неизмерната љубов и почит кон реката Црн Дрим и мајчиниот крај. Детството на младиот Војдан минува во сенка на сиромаштија, несигурност и чести насилства. Во овој период, западниот дел на Македонија е подложен на интензивни напади од качачки банди и отомански разбојници. Поради ваквите зачестени зулуми, неговиот татко Георги Кузманов во пролетта 1886 година е принуден да го пресели семејството во Охрид. Престојот во Охрид за малиот Војдан носи образовно оформување. Во 1889 година тој го завршува првиот клас во тамошното училиште „Свети Климент“, а потоа образованието го продолжува во Солунската машка гимназија. Сепак, бегалската судбина повторно го прекинува неговото школување. Во 1890 година, соочено со понатамошни закани и тешки економски услови, целото семејство засекогаш ја напушта Македонија и емигрира во Софија, Бугарија. Траумата од напуштањето на родниот дом остава трајни белези врз свеста на младиот Чернодрински. По пристигнувањето во новата средина, тој се соочува со јазични и културни пречки. Во гимназијата речиси по правило добива најслаби оценки токму по предметот бугарски јазик, бидејќи сè уште не го владее јазикот на новата средина. Но наспроти слабиот успех по странскиот литературен стандард, тој во себе носи рафинирано чувство за сопствениот народен македонски говор, како и вродена дарба непосредно да ги вообличува народните страдања во автентичен уметнички израз.
Кон крајот на деветнаесеттиот век, Софија станува главен центар на македонската емиграција. Иако разделена на различни струи, емиграцијата претставува плодна почва за револуционерни идеи. Како седумнаесетгодишно момче, Чернодрински се вклучува во активностите на македонските младинци и станува еден од приврзаниците на сепаратистичките идеи што ги застапува „Младата македонска книжевна дружина“. Оваа дружина, во која членуваат личности како Даме Груев, Петар Поп Арсов, Пере Тошев и Иван Хаџи Николов, од 1892 година го издава списанието „Лоза“. Списанието се залага за македонска културна и јазична посебност и директно се спротивставува на асимилацијата. Политичката ситуација во Бугарија дополнително се заострува под режимот на премиерот Стефан Стамболов, кој води протурска политика и настојува систематски да го потисне македонското движење и да ја бугаризира емиграцијата. Затоа неговата влада ја растура дружината, а најистакнатите членови ги протерува. Дури по падот на Стамболов во 1894 година, организацијата успева да се обнови. Истата година во Отоманската Империја се случуваат масовните колежи врз ерменскиот народ, кои заедно со антиегзархиските борби во Македонија оставаат силен одглас меѓу македонската емиграција. Опишувајќи ја таа атмосфера подоцна, во 1936 година во своите спомени под наслов „Македонскиот драмски театар“, Чернодрински ќе запише:
„Искрите што прелетуваа над Црното Море од пламнатиот револуционерен оган во 1894 година во полите на Арарат, ги запалија срцата на поробените под полите на Рила и Пирин… Затоа „Младата македонска дружина“, тогаш единствена македонска организација, свика митинг против колежите во Ерменија и Македонија. Се разбунтува македонската емиграција во Софија. Постарите богати и амбициозни Македонци ѝ го оспоруваа правото на „Младата македонска дружина“ да ја претставува Македонија… Сите се оддадоа на славоборотво, критики, напади, интриги. А политичкиот момент беше сублимен и ечеше и ја повикуваше македонската емиграција кон еднодушност, кон заедничка дејност…“
Во такви вжештени услови, како ученик во софиската Прва машка гимназија, Војдан заедно со неколку соученици самоиницијативно го формира ученичкиот кружок „Македонски зговор“ (1894). Целта на кружокот е негување на патриотизмот и поддршка на каузата за ослободување на татковината. Наскоро кружокот се поврзува со обновената „Млада македонска книжевна дружина“ и се преселува во нејзините простории. Помеѓу двете групи доаѓа до природна поделба на улогите: повозрасните ја водат општествената и политичката активност, додека младинците од „Македонски зговор“ ја преземаат одговорноста за организирање вечеринки, културни приредби, рецитали и кратки претстави. Овие собири имаат цел да го разгорат револуционерниот дух кај публиката. Во своите спомени Чернодрински за овие настапи бележи:
„Скоро секоја сабота навечер се даваше по една вечеринка во читалиштето и публиката, главно просветени момчиња од средна рака луѓе, родени во Македонија, по секоја претстава си одеше ентусијазирана и задоволна. Успехот нè зашемети и нас, изведувачите, и како што за публиката стана тесен салонот на „Младата македонска дружина“, така стана тесна и импровизираната сцена на истиот салон…“
М-р Никола Ристевски
(продолжува)
































