Румен Радев / Фото: ЕПА

Два трговски брода се погодени од дронови во бугарската ексклузивна економска зона во Црното Море, по што премиерот Румен Радев свика итен состанок со претставници на надлежните институции и безбедносните служби.

Според првичните информации објавени од специјализираниот бугарски портал „Маритајм“, инцидентите се случиле источно од ’ртот Свети Атанас и градот Бјала. Во тек е спасувачка операција, а околностите под кои биле погодени бродовите сè уште се утврдуваат.

Станува збор за товарните бродови „Алфа Ватан“ (ALFA WATAN), кој пловел под знамето на Того, и „Ејбл“ (ABLE), регистриран под знамето на Палау.

Според досегашните информации, „Алфа Ватан“ претрпел сериозни конструктивни оштетувања и потонал источно од бугарскиот брег. Засега нема официјални информации за судбината на неговиот екипаж.

На бродот „Ејбл“, пак, избувнал пожар, по што сите 18 членови на екипажот биле принудени да го напуштат пловилото. Тие биле преземени од бугарскиот патничко-товарен ферибот „Диоскурија“, кој бил пренасочен кон местото на инцидентот за да учествува во спасувачката операција.

Меѓу спасените има и повредени, на кои им била укажана прва помош на фериботот. Надлежните служби ја координираат нивната евакуација до здравствени установи на копното.

Бугарската владина прес-служба соопшти дека премиерот Радев свикал итен состанок поради двата погодени брода. На состанокот треба да учествуваат претставници на министерствата за одбрана, за внатрешни работи, за транспорт и за животна средина, како и претставници на претседателската институција и на безбедносните служби.

Според „Маритајм“, доколку се потврди дека станува збор за напад со беспилотни летала, ова би бил прв ваков инцидент со трговски бродови во бугарската ексклузивна економска зона.

Причините за инцидентот и потеклото на дроновите засега не се официјално утврдени. Дел од турските поморски извори објавија поинаква верзија, според која двата брода се судриле во близина на излезот од каналот Сулина во Романија. Бугарските поморски власти сè уште немаат објавено целосни информации што конечно би ги разјасниле местото и причините за инцидентот.