Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна уредба со која привремено се олеснува употребата на таканаречениот „црвен дизел“, гориво кое досега главно се користеше за земјоделски машини, градежна опрема и други возила наменети за употреба надвор од јавните патишта, пишува „Ројтерс“.
Трамп ја потпиша уредбата за време на митинг во Небраска, при што најави укинување на ограничувањето според кое даночно ослободениот дизел може да се користи само за теренски намени. Според Белата куќа, мерката предвидува привремено олеснување на даночните обврски за употреба на обоениот дизел на патиштата, од 5 октомври до 31 декември 2026 година.
„Црвениот дизел“ е практично исто гориво како стандардниот дизел, но е обоен со црвена боја за да се разликува и да се контролира неговата даночна употреба. Досега неговата употреба на јавните патишта беше ограничена, бидејќи за него не се плаќаат вообичаените даноци за гориво.
За време на митингот, Трамп призна дека не знае многу за самото гориво.
„Не знам што е, но што и да е, треба да биде навистина добро“, се пошегува американскиот претседател пред присутните.
Одлуката доаѓа во период на значително зголемување на цените на дизелот во САД. Според „Ројтерс“, цената достигна рекордно ниво од околу 6,50 долари за галон, што создаде дополнителен притисок врз американската администрација во пресрет на ноемвриските среднорочни избори.
Белата куќа наведува дека мерката треба да помогне во намалување на трошоците за земјоделците, превозниците и другите корисници на дизел. Сепак, аналитичари предупредуваат дека пошироката употреба на даночно ослободеното гориво сама по себе нема да го зголеми снабдувањето со дизел и ограничено би влијаела врз неговата пазарна цена.
































