Пред речиси четири години мировен договор стави крај на бруталната војна во северниот етиопски регион Тиграј, еден од најсмртоносните конфликти во 21 век. Сега насилството се врати, но борбените линии се изменети. Бунтовниците од Тиграј повторно се кренаа против федералната влада, додека сили што некогаш биле непријатели, сега се борат рамо до рамо.
Бунтовниците од Тиграј минатата недела зазедоа три аеродроми контролирани од федералната влада, а борби избија и во соседните региони Амхара и Афар. Непријателствата го урнаа мировниот договор од 2022 година, со кој беше ставен крај на војната во која, според процените, загинаа околу 600.000 луѓе. Односите меѓу федералната влада и лидерите на Тиграј со месеци се влошуваа.
Нејасно е што доведе до неодамнешните борби, бидејќи двете страни изнесуваат спротивставени верзии за настаните. Регионалната влада на Тиграј соопшти дека федералните сили први нападнале и дека таа им наредила на своите сили да возвратат, нарекувајќи го конфликтот „одбранбена војна“. Од друга страна, Гетачев Реда, советник на етиопскиот премиер Абиј Ахмед, изјави дека бунтовниците од Народниот ослободителен фронт на Тиграј (ТПЛФ) започнале „сеопфатна офанзива“ против владините позиции во Афар и Амхара и ги зазеле трите аеродроми во Тиграј, обвинувајќи ги дека ја подигнале „неодговорноста на ново ниво“.
Обновеното насилство оваа недела следуваше по речиси два месеца помали судири. Невладината организација „Проект за податоци за локации и настани на оружени конфликти“ (АКЛЕД) наведува дека борбите меѓу борците од Тиграј и федералните сили започнале на 1 август, во близината на границата на Етиопија со Судан. Двете страни меѓусебно се обвинуваа за започнувањето на тие судири.
Според АКЛЕД, потоа следувале напади на федерални беспилотни летала и распоредување трупи од Тиграј, при што бунтовниците од Тиграј месецов преместиле тенкови и артилерија кон југ. Националниот авиопревозник „Етиопијан ерлајнс“ ги суспендира сите летови кон Тиграј по заземањето на аеродромите.
Како стигна Етиопија до оваа ситуација?
ТПЛФ некогаш беше најмоќната политичка сила во Етиопија. Таа доминираше во коалицијата што владееше со земјата речиси три децении, иако Тиграјците сочинуваа релативно мал дел од населението на Етиопија. Тоа се промени откако Абиј Ахмед стана премиер во 2018 година, по повеќегодишни антивладини протести. Тој воведе политички реформи и склучи мир со соседна Еритреја, за што една година подоцна ја доби Нобеловата награда за мир. Но односите на владата со ТПЛФ се влошија. Абиј ја замени старата владејачка коалиција со својата Партија на просперитетот во 2019 година, а ТПЛФ одби да му се приклучи.
Откако националните избори беа одложени за време на пандемијата на ковид-19, Тиграј спроведе сопствено регионално гласање, и покрај противењето од Адис Абеба. Во ноември 2020 година бунтовничките сили од Тиграј нападнаа федерални воени бази во регионот. Премиерот Абиј Ахмед испрати војници, а подоцна и еритрејските сили и борците од Амхара се бореа заедно со федералната армија.
До моментот кога војната заврши две години подоцна, милиони луѓе беа раселени, а делови од Тиграј беа доведени до состојба на гладување. Двете страни се соочија со обвинувања за сериозни прекршувања на човековите права.
Зошто мировниот договор не успеа?
Непријателствата завршија кога федералната влада и ТПЛФ потпишаа договор посредуван од Африканската унија во Преторија, Јужна Африка, на 2 ноември 2022 година. Според договорот, силите на Тиграј требаше да се разоружат, а федералната власт да се врати во регионот. Требаше да се обноват хуманитарната помош и основните услуги, а подоцна беше формирана и привремена администрација што ќе управува со Тиграј до одржувањето на изборите.
Но останаа големи спорови, вклучувајќи го и спорот околу територијата што ја бараа и Тиграј и Амхара, како и околу враќањето на луѓето раселени поради војната. Во меѓувреме Еритреја, чии војници се бореа заедно со федералните сили, не беше вклучена во договорот.
– Договорот не пропадна прекуноќ, тој беше систематски обезвреднуван во текот на три години – изјави Сурафел Гетахун, етиопски геополитички истражувач.
Гетахун рече дека одговорноста е на двете страни. Тој ја обвини федералната влада дека не успеала да ги исполни клучните делови од договорот, вклучувајќи го и враќањето на раселените лица, а го обвини и ТПЛФ за прекршување на спогодбата преку повторното преземање на контролата врз регионалната администрација и обновувањето на своите воени сили.
ТПЛФ исто така беше поделен поради внатрешна борба за власт, што дополнително го ослабе мировниот процес. Се појавија ривалски фракции околу претседателот на ТПЛФ, Дебрецион Гебремикаел, и Реда – шефот на привремената администрација на Тиграј и поранешен висок функционер на ТПЛФ. Реда подоцна беше исклучен од партијата од страна на фракцијата на Гебремикаел, а Абиј Ахмед назначи нов привремен лидер во април 2025 година. Еден месец подоцна фракцијата на Гебремикаел ја врати контролата врз владата на Тиграј. Таа го обнови регионалното законодавно тело што постоеше пред војната и го постави Гебремикаел за регионален претседател.
Во неделата ТПЛФ се приклучи на шест други вооружени групи во нов сојуз што има цел да ја собори владата на Абиј Ахмед и да воспостави преодна администрација. Сојузот вклучува поранешни непријатели што се бореле на спротивни страни во последната војна. Портпаролот на ТПЛФ, Мајкл Асгедом, изјави за „Асошиејтед прес“ дека групите ќе соработуваат на политички и воен план. На прашањето дали пристапувањето кон сојузот го прекршува договорот од Преторија, Асгедом одговори дека тој договор „веќе не е важечки“.
Националното движење „Фано“ од Амхара се бореше заедно со федералната влада против ТПЛФ за време на последната војна, а потоа се сврте против владата во 2023 година. Член на сојузот е и Ослободителната армија на Оромо, која долго време се бори против владата на Абиј Ахмед во регионот Оромија. „Ројтерс“ објави дека бунтовничките сили од Тиграј се борат заедно со групата „Фано“ во Амхара и со локална вооружена група во Афар. Сепак, Гетахун изрази сомнеж за тоа колку долго ќе опстои овој сојуз. ТПЛФ и „Фано“ остануваат поделени околу спорните територии, особено Западен Тиграј, а нивните членови имаат различни политички и воени цели.
– Ова е привремен брак од интерес против заеднички непријател, а не траен политички договор – рече Гетахун.
Портпаролката на кабинетот на премиерот Билен Сејум во понеделникот изјави за „Ројтерс“ дека групите веќе соработувале со финансиска поддршка од Еритреја. Односите меѓу Етиопија и Еритреја се влошија откако нивните сили се бореа заедно во последната војна, иако владата на Еритреја постојано негираше дека ги поддржува етиопските вооружени групи.
Африканската унија (АУ) во средата соопшти дека заземањето на аеродромите е спротивно на договорот од Преторија и ги повика двете страни на деескалација на ситуацијата. Таа исто така побара помош од поранешниот нигериски претседател Олусегун Обасанџо, кој помогна во посредувањето за договорот од 2022 година.
Дали војната може дополнително да се прошири?
Тиграј сè уште не закрепнал од последната војна, заедниците сè уште се обновуваат, а многу раселени лица сè уште не можат да се вратат дома. Етиопија веќе се соочува со оружени конфликти во Амхара и Оромија, а според организацијата АКЛЕД, федералните воени сили биле преоптоварени уште пред обновувањето на борбите со ТПЛФ. Сепак, вооружените групи во новиот сојуз се разликуваат по своите борбени капацитети: на некои им недостигаат организација или борци за пошироки операции, додека други се главно ограничени на локални подрачја, наведуваат од организацијата што ги следи конфликтите.
Постои и ризик од вклучување на еритрејската војска. Тензиите меѓу двете земји се зголемија поради настојувањата на Етиопија да обезбеди пристап до Црвено Море, вклучително и преку еритрејското пристаниште Асаб. Африканската унија ги повика соседите на Етиопија да избегнуваат потези што би можеле да го разгорат конфликтот. Регионот веќе се соочува со војната во Судан и со долготрајните тензии меѓу Етиопија, Египет и Судан околу реката Нил. Гетахун предупреди дека тековните борби би можеле да бидат уште поразорни од претходниот конфликт.
– Обновената војна веројатно би била многу покрвава и пошироко распространета од борбите во периодот помеѓу 2020 и 2022 година.Итна деескалација и дијалог сега се од суштинско значење – рече тој, истакнувајќи дека преговорите остануваат „единствениот одржлив пат напред“.
































