Во поголемиот дел од изминатата година официјалниот словенечки регистратор на веб-домени бележеше само околу илјада нови регистрации месечно. Тоа е и очекувано, бидејќи оваа мала источноевропска земја има население од само 2,1 милиона луѓе. Но минатата недела, откако американскиот претседател Доналд Трамп се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, порталот доби повеќе од 6.000 регистрации за само два дена. Додека зборуваше за глобалните напори за регулирање на вештачката интелигенција, Трамп изјави дека го менува името на технологијата во „суперинтелигенција“ во сите официјални американски документи.
– Употребата на зборот вештачка прави интелигенцијата да звучи лажно, а таа не е лажна. Всушност, таа е неверојатна. Со други зборови, добре дојдовте во новиот свет на суперинтелигенција – СИ. Звучи многу подобро, многу е подобро и е попрецизно – истакна Трамп.
Сосема случајно, Словенија, земјата од која потекнува првата дама на САД, Меланија Трамп, е сопственик и управува со доменот „.си“. Ефектот беше моментален. Повеќе од 2.000 нови веб-страници беа регистрирани со доменот „си“ на денот на говорот на Трамп, а повеќе од 4.000 следниот ден, според податоците на Академската и истражувачка мрежа на Словенија (АРНЕС), која управува со националниот портал за регистрација на домени. Тоа го зголеми бројот на регистрации на домени во септември на над 10.000 и го подигна вкупниот број на веб-домени регистрирани во земјата над 200.000, што се случува за првпат.
„Регистар.си“, порталот со кој управува АРНЕС, не ги издава самите домени. Тој евидентира само регистрации направени од околу 90 домашни и странски регистратори, за што наплаќа по 10 евра по регистрација.
– Конечната цена за сопствениците на домени зависи од политиката на поединечниот регистратор, а „Регистар.си“ нема никакво влијание врз тоа. Во секој случај, им препорачуваме на сопствениците на трговски марки, слогани, компании… што сè уште немаат домен со наставка „си“, да го регистрираат што е можно поскоро – се наведува во соопштението објавено на интернет-страницата на порталот.
Најмалку еден регистратор веќе профитира од ваквата ситуација. Тоа е провајдерот на веб-домени „Хостингер“ со седиште во Литванија, кој на своите веб-страници рекламира домени со наставка „си“ по намалена цена од 11,99 долари за првата година од функционирањето и 16,99 долари за наредните години. „Вештачката интелигенција (за потребите на овој текст се користи кратенката АИ наместо ВИ – н.з.) сега се нарекува суперинтелигенција. Регистрирајте го вашиот домен ’си’“, гласи една од рекламите.
„Хостингер“ нуди и попуст за првата година за домени со наставка „аи“ (кои ѝ припаѓаат на британската прекуморска територија Ангвила), при што почетната цена изнесува 89,99 долари, а потоа се наплаќаат 109,99 долари.
Како што објави „Блумберг“ во 2023 година, Ангвила, на која ѝ беше доделен доменот „.аи“ од страна на ИАНА, глобалната непрофитна организација што управува со регистрацијата на веб-домени, оствари огромна заработка од наглиот пораст на побарувачката за веб-страници со наставка „аи“. Овој пораст следуваше откако лансирањето на ЧетГПТ, големиот јазичен модел на компанијата „ОпенАИ“ во 2022 година, прекуноќ го воведе терминот „вештачка интелигенција“ (АИ) во секојдневниот глобален говор.
Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, островот заработил околу 32 милиони долари од регистрација на домени во 2023 година, што претставува повеќе од 20 проценти од годишните приходи на тамошната влада. Купувањето домени со наставка „аи“ преку „Гоудеди“ (GoDaddy), еден од најпопуларните приватни регистратори, е зголемено за две илјади проценти во изминатите осум години, наведува компанијата на својата веб-страница. Иако останува да се види дали залагањето на Трамп за „суперинтелигенција“ ќе има слично влијание врз Словенија, јасно е дека тој термин ќе остане во употреба, барем во рамките на неговата администрација додека тој е претседател. Ден по говорот на Трамп, Мајкл Крациос, директор на Канцеларијата за наука и технолошка политика при Белата куќа, го истакна влијанието на „суперинтелигенцијата претходно позната како вештачка интелигенција“ во своето обраќање пред Советот за безбедност на ОН.
Сепак, словенечкиот регистратор во објава на блог напиша дека нивната стандардна цена за регистрација значи оти „шпекулациите во медиумите за милионски заработки за Словенија поради зголемениот интерес за веб-доменот ’си’ немаат реална основа“.
































