Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја започна расправата за вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година, за кој се поднесени повеќе од 120 амандмани. Пред пратениците се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која изрази очекување дискусијата да биде конструктивна и заснована на аргументи.
Таа посочи дека ребалансот не претставува само техничка корекција на буџетските ставки, туку усогласување на проекциите со најновите економски показатели и досегашната реализација на Буџетот. Целта, како што нагласи, е да се обезбедат средства за законските обврски и приоритетните потреби на граѓаните и институциите, а истовремено да се задржи фискалната одржливост.
– Буџетската дисциплина не значи откажување од развојот, туку подобро поставување приоритети, поголема одговорност во трошењето и усогласување на обврските со расположливите средства – рече министерката.
Со предложените измени, Владата ги усогласува приходите и расходите со актуелните економски услови и реализацијата во текот на годината. Според Димитриеска-Кочоска, ќе се намалуваат расходите таму каде што постои простор за рационализација, но ќе се зачуваат средствата за законските обврски, здравствените услуги, социјалната заштита и приоритетните развојни проекти.
Меѓу приоритетите ги посочи инвестициите во патната и железничката инфраструктура, образованието, животната средина, земјоделството, енергетската ефикасност и модернизацијата на јавните финансии.
Вториот ребаланс се подготвува во услови на глобална неизвесност, геополитички тензии и нарушувања на меѓународните пазари на енергенси. Министерката посочи дека конфликтот на Блискиот Исток и движењата на цените на нафтата и другите примарни производи влијаат врз трошоците на компаниите и домаќинствата, но и врз планирањето на буџетските приходи и расходи.
Во текот на годината, Владата донесе мерки за ублажување на последиците од поскапувањето на горивата, меѓу кои и намалување на акцизите за бензините и дизелот. Овие мерки, според министерката, имаат директно влијание врз приходната страна на Буџетот.
Буџетскиот дефицит останува непроменет и е проектиран на 46,3 милијарди денари, односно 4,1 процент од бруто-домашниот производ (БДП). Вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, а најголемата корекција се однесува на акцизите, чии проекции се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари.
Проекцијата за реалниот економски раст во 2026 година останува на 3,5 проценти, додека очекуваната просечна инфлација е ревидирана надолу, од 4,5 на 3,8 проценти.
Според макроекономските проекции што ги презентираше министерката, бруто-инвестициите во 2026 година се очекува да пораснат за 7,6 проценти, приватната потрошувачка за 2,6 проценти, а јавната потрошувачка за 2,5 проценти.
Се очекува извозот да порасне за 5,6 проценти, а увозот за 6 проценти. Проектираната стапка на вработеност изнесува 46,8 проценти, додека стапката на невработеност се очекува да се намали на 11,2 проценти. Просечната нето-плата, според проекциите, би пораснала за 8,1 процент.
Димитриеска-Кочоска предупреди дека ризиците поврзани со состојбите на Блискиот Исток и движењата на светските цени и натаму се присутни и може да предизвикаат нови инфлаторни притисоци.
Во периодот од јануари до септември 2026 година, вкупните буџетски приходи изнесувале 261,1 милијарда денари, односно 68,8 проценти од планираното. Даночните приходи достигнале 150,2 милијарди денари, а приходите од социјални придонеси 89,7 милијарди денари, што е раст од 8,4 проценти во споредба со истиот период минатата година.
На расходната страна, реализацијата изнесувала 300,8 милијарди денари, или 70,6 проценти од планираното. Од нив, 275,5 милијарди денари биле тековни расходи, вклучувајќи 87,8 милијарди денари за пензии, 39,7 милијарди денари за здравствени услуги и надоместоци и 11,2 милијарди денари за социјална помош.
Капиталните расходи достигнале 25,3 милијарди денари, што е зголемување од 23,9 проценти во однос на истиот период лани. За изградбата на Коридорите 8 и 10д преку конзорциумот „Бехтел и Енка“ биле издвоени 6,3 милијарди денари, додека за инфраструктурни проекти во општините биле реализирани 3,6 милијарди денари.
Буџетскиот дефицит во периодот јануари–септември изнесувал 39,7 милијарди денари, односно 3,5 проценти од проектираниот БДП за годината.
Во меѓувреме, СДСМ оценува дека новото прекројување на државната каса е последица на нереалното планирање на приходите, а не само на мерките за намалување на акцизата и ДДВ за горивата.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврди дека економските политики се водат одговорно и стратешки, со фокус на фискалната консолидација и одржливиот развој, додавајќи дека платите и пензиите продолжуваат да растат.
На седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет присуствува и заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски.
































