фото: Кабинет на претседателката Силјановска Давкова

Претседателката Гордана Силјановска Давкова, која е во Будимпешта по повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956, денеска се сретнала со претставници на македонската дијаспора.

– На средбата присуствуваа истакнати лица од областа на бизнисот, науката, образованието, информатичките технологии, како и студенти, кои ме запознаа со нивната улога и ангажман во општествениот живот на Унгарија, како и со актуелната состојба во земјата – објави претседателката на својата Фејсбук-страница.

Таа истакнува дека континуираната комуникација со дијаспората, преку македонските дипломатски претставништва е особено важна за соработката и афирмацијата на татковината.

– Укажав на важноста на културната дипломатија и ја поздравив нивната посветеност и активност врзана за негувањето на македонскиот јазик, култура и традиција – додаде претседателката во објавата.

Како што соопшти Кабинетот на претседателката, тие ја запознале претседателката со нивната улога и ангажман во општествениот живот на Унгарија, како и со актуелната состојба во земјата.

Соговорниците изразиле желба за јакнење на македонско-унгарските односи и дале предлози за промоција на државата пред унгарската јавност и подобро меѓусебно културно запознавање, посебно акцентирајќи ги можностите за развој на туризмот. Тие укажале и на потребата од отворање на културни центри во обете држави – додаваат од претседателскиот Кабинет.

Претседателката, пак, изразила задоволство од етаблираноста и препознатливоста на малубројната македонска дијаспора во унгарското општество.

Претседателката во рамки на меѓународната програма за одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција, присуствувала и на работниот ручек којшто за шефовите на делегациите го приредил претседателот на Унгарија, Андраш Бака.