Фото: Маја Јаневска-Илиева
  • Полјоделството и сточарството не се заборавени гранки од минатото, туку неискористени темели на идната македонска економија

Македонија има една голема, речиси парадоксална предност. Таа е земја со долга земјоделска традиција, плодни региони, сточарско наследство, поволни услови за повеќе култури и луѓе што сè уште знаат како се произведува храна, а сепак, пречесто се однесуваме како домашното производство да е споредна економска тема, а не прашање на национална отпорност, развој и достоинство. Примерот за успешната жетва на пченка на „Фероинвест“ во Овчеполието, како и приказната за сточарката Вангелина Пармачка од Будинарци се два различни, но суштински поврзани докази дека Македонија има потенцијал што сè уште не го користи во целост. Едниот пример покажува како земјоделските површини, наводнувањето, механизацијата и енергетиката можат да се поврзат во производствен систем. Вториот пример, пак, покажува дека семејната сточарска фарма, со стотици овци и традиционално производство на сирење, може да биде основа за економска сигурност, но и за поширок општествен придонес. А заедничката порака на овие два примера е мошне впечатлива, домашното производство на храна да не се остава на упорноста на поединците, туку да стане национален развоен приоритет!
Агросувереноста не значи Македонија да се затвори кон светот, туку да има доволно силна сопствена производствена база за да не зависи прекумерно од увоз. Тоа значи повеќе домашни житни култури, повеќе сточна храна, повеќе млеко и месо, повеќе преработени производи и подобро искористување на земјоделските ресурси. Значи и повеќе инвестиции во водоснабдувањето и наводнувањето, производство на земјоделски ѓубрива, складишта, ладилници, млекарници, кланици, модерни фарми, ветеринарни услуги и преработувачки капацитети. Во принцип, не е доволно само да произведеме суровина, туку треба да знаеме како да ја претвориме таа суровина во производ со поголема вредност, стабилен пазар и можност за извоз со висок степен на државно учество во координацијата и обезбедување пласман. Токму тука е потребна динамична и флексибилна државна политика. Нема никаква дилема дека на македонското земјоделство суштински помалку му се потребни субвенции и мерки што зависат од годишните буџетски можности. Напротив, она што вистински му треба е долгорочна стратегија, со јасни производствени цели, предвидливо финансирање и поддршка што ќе ги наградува продуктивноста, квалитетот, здружувањето и модернизацијата. Секако, потребни се и финансиски инструменти приспособени на природата на земјоделството. Во таа смисла, на пример, Македонија треба сериозно да ја отвори темата за специјализирана земјоделска банка или за функционален модел на земјоделско развојно финансирање што ќе овозможи поволни кредити, гаранции и долгорочни инвестиции за фармерите и за агроиндустријата. Државните фондови, програмите за рурален развој и специјализираните агенции, вклучително и институциите што ги поддржуваат земјоделските инвестиции, имаат интенција да дејствуваат координирано, а дигитализацијата и на тој простор дава оптимистички момент на преструктурирањето. А во контекст на последново, особено е важно да се поврзат полјоделството и сточарството.

Повеќе домашна пченка, луцерка и други фуражни култури можат да обезбедат посигурна основа за сточната храна. Од друга страна, посилното сточарство може да создаде поголемо домашно производство на млеко и месо, а тоа отвора простор за млекарници, преработувачки капацитети, локални брендови и нови работни места. Органските остатоци, пак, можат да се искористуваат во согласност со технолошките и еколошките стандарди, вклучително и за производство на енергија таму каде што тоа е економски оправдано. Така, земјоделството престанува да биде збир од изолирани дејности и станува поврзана економија. Но ниту една стратегија нема да успее ако производителот остане сам пред пазарот. Фармерите мора да имаат пристап до знаење, советодавни услуги, современа технологија, осигурување, складирање, организиран откуп и договори што ќе им овозможат да планираат однапред. Треба да се поттикнуваат задругите и производните организации, бидејќи здружениот настап може да обезбеди пониски трошоци, подобра преговарачка позиција и поконкурентен пласман.
Во таквата слика, Вангелина Пармачка не е само успешна сточарка, ниту „Фероинвест“ е само компанија со добра жетва. Тие се примери за производствена способност што треба да се препознае, да се поддржи и да се прошири. Нивните приказни покажуваат дека земјоделството може да биде модерна и економски одржлива дејност, а не синоним за неизвесност и борба за преживување. Токму затоа Македонија не мора да избира меѓу традицијата и модернизацијата, туку многу едноставно, може да ги спои. Не мора да избира ниту меѓу домашната потрошувачка и извозот бидејќи може да произведува за сопствените потреби и истовремено конкурентно да настапува на странските пазари. Во тој контекст, не мора да ги гледа нивите, фармите, преработувачките капацитети и енергетиката како одделни приказни, туку да ги организира во единствен развоен систем. Затоа прашањето не е дали Македонија има земјоделски потенцијал бидејќи повеќе од јасно е дека има огромен потенцијал. Сега вистинскиот предизвик е инсистирањето за што подинамично реструктурирање на институциите, на финансиите и домашните (пазарни) услови за да може сиот тој потенцијал да стане реално производство, сигурен приход и нова вредност. Ако државата успее во тоа, тогаш домашната храна ќе биде многу повеќе од производ на нашите ниви и фарми, односно таа ќе стане темел на посилна економија, поживи села и посуверена држава што сама ќе ја произведува храната.
Нема никаква дилема дека Македонија може да произведува и да преработува повеќе, впрочем искуствата од минатото го потврдуваат тоа. Затоа е клучно во овие нови времиња повторно државата да се сврти кон сопствените ресурси, а за таквата трансформација неопходно да се пристапи кон повисоко организирана национална политика. Е.Р.


Македонија може – Македонија мора

Земјоделски оптимизам, aгросувереност, домашно производство

Текстовите во продолжение не нудат само две позитивни приказни туку две различни потврди на иста национална теза. Имено, „Фероинвест“ го претставува потенцијалот на организираното и технолошки развиено производство и неговото поврзување со енергетиката, а приказната за Вангелина Пармачка ја претставува силата на семејната фарма, традиционалната храна и луѓето што го одржуваат животот во руралните средини. Едниот текст покажува како да се создава поголема вредност од земјата, а другиот зошто е важно таа вредност да остане поврзана со луѓето, семејствата и селата. Заедно, тие ја поддржуваат пораката дека Македонија не треба да го гледа земјоделството само низ призмата на субвенциите и сезонските резултати туку како стратешка производствена база за храна, преработувачка индустрија, вработување, извоз и национална економска отпорност