Хејлонгџијанг – кинески пример за успешна примена на напредната технологија во земјоделството

  • Примерот на кинеската покраина Хејлонгџијанг потврдува дека примената на паметните технологии претставува значаен чекор кон модерно, ефикасно и одржливо земјоделство

Покраината Хејлонгџијанг во североисточна Кина спаѓа меѓу трите главни региони со црна почва во светот, има околу 16,67 милиони хектари обработливо земјоделско земјиште со висок стандард, со што претставува најголемата површина од ваков вид во земјата, како и истакнат пример за таканареченото паметно земјоделство овозможено од користењето напредна технологија. Најнови кинески паметни технологии и уреди со примена во земјоделството неодамна биле претставени пред странски медиуми што ја посетиле оваа покраина.
Компанијата „Хуида технолоџи“ развива опрема за паметно земјоделство, вклучувајќи уреди за следење на работата на земјоделските машини, автономни системи базирани на навигацискиот сателитски систем „Беидоу“, земјоделски дронови и паметни системи за наводнување, кои овозможуваат заштеда на вода. Впечатлив пример претставува новонадградениот автономен распрскувач ВХ300 со резервоар од 300 литри, унапредена автономна навигација и можности за ракување на сложен терен.
Компанијата „Џиамуси Џичи“, која претставува производител на паметни земјоделски машини во североисточна Кина, пак, се гордее со своите паметни трактори, кои предизвикаа голем интерес кај странските новинари.
На демонстративна зона управувана од филијалата „Џјенсанџијанг“ на групацијата „Бејдахуанг“, беспилотни комбајни самостојно пренесувале ориз. Во близината, голем екран во дигиталниот команден центар во рамките на компанијата за паметни земјоделски машини „Бејдахуанг“ прикажувал информации во живо за обработливото земјиште, наводнувањето и за работењето со машини.
Лиу Џиангуо, виш менаџер на фармата „Кичинг“, рече дека неговото претпријатие постигнало целосна механизација во повеќе земјоделски дејности, од орање до берба и сега работи кон целосно интелигентни, дигитализирани и беспилотни операции.
Во националниот парк за земјоделска наука и технологија „Беидахуанг Џиансанџијанг“, во паметна стаклена градина биле демонстрирани напредни техники во земјоделството во контролирана средина. Основан во 2004 година, паркот располага со 10.000 квадратни метри паметни стакленици и служи како центар за земјоделска наука и технолошки иновации, обединувајќи ги истражувањето, демонстрацијата, стручната поддршка и услугите.
Примерот на кинеската покраина Хејлонгџијанг потврдува дека примената на паметните технологии претставува значаен чекор кон модерно, ефикасно и одржливо земјоделство. Со интегрирање на вештачката интелигенција, автономните земјоделски машини, сателитската навигација, беспилотните летала и дигиталните системи за управување, Кина создава услови за зголемување на продуктивноста, порационално користење на природните ресурси и за намалување на потребата од рачна работа. Инвестициите во технолошки иновации, истражување и развој покажуваат дека дигиталната трансформација може да придонесе за поголема сигурност во производството на храна и за долгорочна заштита на земјоделските површини. Хејлонгџијанг, со своите достигнувања во автоматизацијата и интелигентното управување со земјоделското производство, се наметнува како позитивен пример за тоа како современата технологија може да го унапреди традиционалното земјоделство.