Во прекугранична операција против трговија со луѓе со цел трудова експлоатација, уапсени се 27 лица, идентификувани се 248 потенцијални жртви и започнати се 182 нови истраги, објави денеска Европол.
Како што е наведено, операцијата е спроведена од 14 до 20 септември во 34 земји, во која учествувале повеќе од 16.000 полицајци, а целна група се сектори со висок ризик, вклучувајќи земјоделство, градежништво, услуги за убавина, салони за масажа и угостителство.
За време на акцијата, проверени се 137.810 субјекти, а покрај 27 апсења за трговија со луѓе, уапсени се уште 86 лица за други кривични дела. Акцијата била насочена кон експлоатација на работници во земјоделството, градежништвото, угостителството и салоните за убавина. Откриени се и случаи на сексуална експлоатација, принудно просење и домашно ропство.
Според резултатите, мажите сочинувале 73 проценти од потенцијалните жртви, а тие најчесто биле експлоатирани во градежништвото и угостителството. Операцијата е спроведена како дел од европската иницијатива EMPACT, со цел разбивање на криминалните мрежи, заштита на жртвите и зајакнување на меѓународната соработка.

































