Во „Сули-ан“ беше прогласен добитникот на наградата „Денес“ – најстарата и една од најзначајните независни награди во земјава за млади визуелни уметници до 35 години. Наградата, која вклучува двомесечен престој во Њујорк во 2027 година, му е доделена на Јован Јосифовски за неговата досегашна уметничка практика и нејзиниот актуелен развој. Жирито оцени дека делото „Оддел за управување со бесот“ го означува моментот на промена во практиката на Јосифовски, кој оваа трансформација убедливо ја образложил и во својата презентација пред жирито.
– Неговата практика се наоѓа во пресуден момент на трансформација и сметаме дека Њујорк, во овој период од неговиот уметнички развој, ќе му понуди соодветна и поттикнувачка средина за понатамошна работа – образложи жирито.
Годинава, за првпат, сите финалисти добија значајни признанија. Ана Трајковска е номинирана за реализација на самостојна изложба во Скопје во 2027 година. Сергеј Калеников е номиниран за едномесечен престој во галеријата „Простор“ во Сплит.