Во Грција во изминатата седмица се потврдени 23 нови случаи на вирусот Западен Нил, со што вкупниот број на заразени од почетокот на сезоната достигна 65. Според најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ), досега починале шест лица.
Од вкупно регистрираните случаи, кај 54 пациенти се развиле симптоми на зафатеност на централниот нервен систем, како енцефалитис, менингитис или акутна парализа, додека кај 11 лица симптомите биле благи или воопшто немало невролошки компликации, пренесе МИА.
Бројот на жртви се зголеми од четири на шест во однос на минатата седмица. Сите починати биле постари од 65 години, со просечна возраст од 79 години.
Во моментов 20 пациенти се хоспитализирани, додека 38 се отпуштени на домашно лекување.
Најголем дел од случаите – вкупно 48 – се регистрирани во областа Атика, поширокиот регион на Атина. Останатите се евидентирани во Тесалија и во северниот дел на земјата, а четири случаи сè уште се предмет на епидемиолошка истрага.
Првиот случај на вирусот Западен Нил во годинашната сезона беше потврден на почетокот на јули.
Вирусот, кој го пренесуваат комарци, е редовно присутен во Грција во текот на летните месеци. Најтешка беше 2018 година, кога беа регистрирани 317 случаи и 51 смртен исход. Минатата година беа евидентирани 96 случаи, а девет лица починаа како последица на инфекцијата.


































