Фото: МВР Бугарија

Бугарија утре, 11 ноември, ќе прогласи ден на жалост во спомен на 11-те загинати во двете тешки верижни сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“. Одлуката ја соопшти премиерот Румен Радев, кој заедно со дел од членовите на владата ја посети локацијата на несреќите, пренесe БТА.

Во двата тешки судири, што се случија денеска при густа магла во близина на патниот јазол „Зимница“, недалеку од Јамбол, учествувале вкупно 86 возила. Според досегашните информации, најмалку 11 лица го загубиле животот, а 51 лице е пренесено во болници во Сливен, Јамбол и Бургас.

Министерката за здравство Катја Ивкова соопшти дека 33 од повредените се хоспитализирани во Сливен, 11 во Јамбол, а седум во Бургас. Тринаесет пациенти се во тешка состојба, а еден од нив е подложен на сложена операција во Бургас.

Министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев најави дека девет истражители ќе извршат увид на местото на несреќите. Истрагата ќе ги опфати и хоризонталната сообраќајна сигнализација и состојбата на асфалтот.

Според првичните сознанија, видливоста пред несреќите изнесувала само 70 до 80 метри. Демерџиев посочи дека маглата нагло се згуснала, по што возилата во лентата во правец кон Бургас се насобрале за многу кратко време. На спротивната страна, како можна причина се разгледува забавеното движење на автомобилите, чии возачи ја намалиле брзината за да видат што се случува на патот.

Министерот истакна дека полициските службеници ги извлекувале повредените на раце и со носилки, бидејќи пристапот до централниот дел на местото на несреќата бил отежнат. Откако Националната истражна служба ќе го заврши увидот, надлежните служби ќе започнат со расчистување на автопатот.

Демерџиев отвори и прашање за недостатоците во системот за информирање на возачите. Тој посочи дека камерите на Агенцијата за патна инфраструктура не се поврзани со сообраќајната полиција и дека на патот нема информативни табли на носечките конструкции преку кои би можеле да се објавуваат актуелни предупредувања за условите во сообраќајот.

Според него, изградбата на вакви информативни системи е предвидена до следната година, а во моментов се работи на решавање на овие системски недостатоци.

Министерот оцени дека не треба вината да се бара во сообраќајната полиција кога не постојат соодветна размена на информации и механизми за навремено предупредување за опасни услови на патот. Тој повика трагедијата да биде повод за посериозен пристап кон безбедноста во сообраќајот и предупреди дека политичките препукувања во вакви моменти се израз на слабост и недостиг од етика.