J.D. Vance
Фото: ЕПА

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, оцени дека преговорите со Иран нема да бидат брзи, наведувајќи дека Техеран е „исклучително тежок соговорник“ поради внатрешните поделби во политичкиот систем.

– Иранците се исклучително тешки луѓе и имаат фрагментиран систем. Во нивниот систем има луѓе кои сакаат војната да заврши, но има и радикали кои сакаат конфликтот да продолжи – изјави Венс, пренесе „Фокс њуз“.

Тој нагласи дека целта на американската администрација е да обезбеди најдобар можен исход за САД, користејќи комбинација од дипломатија, економски притисок и воени мерки.

Според Венс, договорот со Техеран веројатно нема да биде постигнат во скоро време, но изрази уверување дека САД ќе ги остварат своите стратешки цели.

 – Верувам дека цените на нафтата, кои денес изнесуваа 79 долари за барел, ќе се намалат и ќе останат ниски. Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје, а САД ќе бидат во уште посилна позиција – рече тој.

Венс додаде дека е прерано да се носат заклучоци за исходот од преговорите додека тие сè уште траат.

 – Сега сме некаде на средината од процесот и многумина се обидуваат да предвидат како ќе заврши. Можам да кажам дека ќе заврши на начин што ќе биде во интерес на Соединетите Американски Држави – порача американскиот потпретседател.