ФМ Антон Златков

Златков и Бурнс се македонските шахисти на ЕП 2026 за јуниори

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и државен репрезентативец, 19-годишниот Aнтон Златков (2.388 рејтинг-поени, рангиран 13. пред турнирот) и 17-годишниот член на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (2.217, рангиран 42. пред турнирот), се македонските претставници на Европското првенство (ЕП) за шахисти до 20 години, од денеска до 15 август во Цетиње (Црна Гора). Предвидени се девет кола. На ЕП 2026 во машка конкуренција се пријавени 70 шахисти (два ВМ, 10 ИМ, 28 ФМ) од 33 држави. Прворангиран пред ЕП 2026 е велемајсторот (ВМ) од Израел Јахли Соколовски (2.541), а второрангиран е ВМ од Ерменија Емин Оханиан (2.517).
Во женска конкуренција Македонија нема своја претставничка, а ќе учествуваат 46 шахистки (еден ИМ, четири ЖИМ, два ФМ, 15 ЖФМ) од 46 шаховски федерации. Прва фаворитка на првенството е интернационалниот мајстор (ИМ) од Холандија Елине Роеберс (рејтинг 2.371). Шампионката ќе биде позната по девет кола. Г.И.


АТЛЕТИКА

Повеќе од 1.600 учесници се подготвени за старт на ЕП 2026

Повеќе од 1.600 учесници од 48 земји ќе се натпреваруваат во Бирмингем од понеделник, на Европското првенство (ЕП) за 2026 година. Најголемиот атлетски настан на континентот, надвор од Олимписките игри и од светските првенства, првпат ќе се одржи во британски град, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК).
Меѓу ѕвездите што треба да се следат на 27. Европско првенство во атлетика во Бирмингем се, на пример, Одри Веро, Кили Хоџкинсон Фемке Бродерс-Бол во трката на 800 метри за жени, Арманд Дуплантис во скок со стап за мажи, Јакоб Ингебригтсен на 5.000 метри за мажи, Надија Батоклети на 5.000 метри и на 10.000 метри за жени, Карстен Ворхолм на 400 метри со пречки за мажи, Марсел Џејкобс, Ромел Глав, Џеремаја Азу на 100 метри за мажи, Дина Ашер-Смит, Ејми Хант на 100 и на 200 метри за жени, Катарина Џонсон-Томпсон и Кејт О’Конор во седмобој за жени, Матија Фурлани во скок во далечина за мажи…, пишува ИОК. Н.М.


ТЕНИС

Еала е првата Филипинка што освоила поединечна ВТА-титула

Александра Еала стана првата Филипинка што освои тениска титула во поединечна конкуренција на ВТА-турнир, откако ја победи првата носителка Џесика Пегула во одложеното финале на Отвореното првенство на Вашингтон.
Дождот и грмотевиците го одложија почетокот, пред третата тенисерка во светот, Пегула, да го добие првиот сет со 6-4, Еала водеше со 2-1 во вториот сет кога дополнително лошото време доведе до прекин на мечот, а потоа и до крајот на денот, пишува „Би-би-си“. И откако средбата продолжи следниот ден, Пегула освои само три гема, а Еала ја заокружи победата со 4-6 6-4 6-0, пишува „Би-би-си“.
– Чувствувам толку многу љубов. Знаев дека што и да се случеше, овој натпревар веќе ќе беше победа за мене – рече Еала, пренесе „Би-би-си“.
Еала, која ќе скокне од 28. место на светската ранг-листа на 20-то, најдобро во кариерата, ја продолжи победничката серија против противнички од првите 10 на пет меча. Г.И.


Почна летното гранпри во скијачи скокови

Наоки Накамура (Јапонија) оствари двојна победа во првиот натпреварувачки викенд сезонава на летното гранпри во скијачи скокови, на големата скокалница во Висла (Полска). Накамура уживаше во другарството меѓу спортистите, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
– Пред натпреварот речиси сите си посакаа среќа и се поздравија. Тоа е нешто што навистина го ценам. Ние сме натпреварувачи, но во исто време сме како едно големо семејство. Навистина сум среќен со овој викенд. Беше голем предизвик за мене бидејќи дојдов во многу добра форма, но понекогаш тоа носи и дополнителен притисок, а јас си ставам премногу притисок за време на натпреварите. Останав опуштен и фокусиран на моите скокови, а не на резултатот, и тоа направи разлика – рече тој.
Ема Клинец (Словенија) беше убедлива победничка во натпреварувањето за жени првиот ден, а потоа славеше нејзината сонародничка, двојната олимписка златна медалистка Ника Водан.
– Првиот ден направив голема грешка во мојот прв скок, па не бев задоволна од мојот настап. Но бев задоволна од мојот втор скок и знаев дека тоа ме стави во добра позиција за вториот ден. Искрено, не знам точно како, но успеав да направам три навистина добри скока и многу сум задоволна од тоа. Тоа ми покажува дека сум на вистинскиот пат – рече Водан, пренесе ФИС.
Втората станица од годинашното гранпри е викендов во Куршевел (Франција). Н.М.